• Организација на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите

silhouettes-439150_640

На предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието на Република Македонија, по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија, Советот по предлог на Собранието на Република Македонија, без објавување на јавен оглас, го избира јавниот обвинител, со мандат од четири години со право на повторен избор. Собранието го утврдува кандидатот за јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и го поднесува до Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

За избор на јавни обвинители кои му помагаат на јавниот обвинител кој раководи во јавното обвинителство, Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство предлага листа на кандидати до Советот на јавни обвинители од редот на постојните јавни обвинители за избор во Јавното обвинителство. Јавните обвинители кои му помагаат на Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство пред надлежниот суд.

Со работата на Јавното обвинителство самостојно раководи Јавен обвинител кој ги распоредува работите и работните задачи и одговара за навремено и квалитетно вршење на работите. Функцијата јавен обвинител во ова Јавно обвинителство е извршувана лично од Јавниот обвинител кој раководи со обвинителството и од јавните обвинители избрани во Јавното обвинителство кои и помагаат. Исто така Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, именува двајца негови заменици кои му помагаат во неговата раководна функција со цел навремено и квалитетно вршење на работите.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е организирано според начелата на хиерархија и субординација. Јавните обвинители назначени во Јавното обвинителство се одговорни единствено пред Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство. Оцена на работата на јавните обвинители во Јавното обвинителство врши Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.

Во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите согласно Законот за јавнообвинителска служба, постои јавнообвинителската служба која ја сочинуваат јавнообвинителските службеници вработени во јавното обвинителство и лицата вработени во јавното обвинителство кои вршат технички и помошни работи.

  • Надлежности на јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите

checklist

Надлежностите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите произлегуваат од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Во Глава V од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се предвидуваат надлежностите на ова Јавно обвинителство. Имено, Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство е овластен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Во членот 2 став 1 од Законот, неовластеното следење на комуникациите се дефинира како неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство пред 15 јули 2015 година.

Јавното обвинителство се основа за целата територија на Република Македонија, со седиште во градот Скопје. Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство е овластен да презема дејствија и да застапува по предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот суд на Република Македонија.

Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство има целосна надлежност и овластување независно да ги извршува сите истражни и обвинителски функции на Јавното обвинителство, кои вклучуваат:

  • Учество во судски постапки и започнување каква било судска постапка, вклучувајќи граѓанска и кривична, кои јавниот обвинител ги смета за потребни;
  • Изјавување на жалба против која било одлука на суд по кој било предмет или постапка во која јавниот обвинител учествува како надлежен;
  • Преглед на сите достапни документарни докази од кој било извор;
  • Добивање на сите безбедносни ослободувања за преглед на доверливи информации и информации кои не се достапни за јавноста;
  • Поведување и спроведување на обвиненија во кој било надлежен суд, составување и потпишување на обвиненија, поднесување на информации, и водење на сите аспекти на кои било предмет кој произлегува од овој закон, во името на Република Македонија.

Сите докази за кривични дела кои не се во обемот на овластувањата и надлежностите на Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, или се релевантни за постојни кривични предмети ќе бидат предадени на Јавниот обвинител на Република Македонија и обвинителот кој го води предметот.