Изјави од прес Конференција:

BAT_8412 copy

 

1. Катица Јанева

DSC_2498

Граѓани на Република Македонија!

Законот за Специјалното јавно обвинителство ме обврзува вас да ве информирам за напредокот во работата на обвинителскиот тим со кој раководам. Вие редовно ќе бидете информирани за текот на истрагата и гонењето на кривичните дела што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ( чл.8).

Преку пратениците во Собранието на Република Македонија, вие одлучивте да са се формира Специјалното јавно обвинителство и на негово чело да застанам јас. Од тоа нема поголема чест и поголема обврска во ова најтешко време за Република Македонија од нејзиното осамостојување како независна држава.

Правдата ќе победи, наспроти тешкотиите и заканите што доаѓаат од одредени политички партии и конструираните кривични пријави против мене и моите соработници.

Се чувствувам слободна и цврста, бидејќи на моја страна се Уставот, законите и вашата подршка. Макар сите да молчат, јас нема да молчам.

Сите ме охрабруваат и јас да бидам храбра и исправено да стојам пред бурите и ветриштата што му се спротивставуваат на Специјалното јавно обвинителство уште од самиот почеток на неговата работа.

Ме охрабрува и подршката на меѓународната заедница. Подржката е доказ дека нашата борба не е само наша, туку е и борба на целиот демократски свет.

Зарем некој може да биде рамнодушен кога го чита ,,Извештајот на Прибе“ од мај 2015 година, особено делот во кој се зборува за притисокот и недовербата во јавното обвинителство и судството?

Подршка добивам и од правната струка, од истакнати судии, обвинители и адвокати.

Мојот тим е отворен за соработка и со правната наука, особено со познати авторитети од областа на судското право и уставното право. И правната наука има што да научи од Специјалното јавно обвинителство, особено кога е во прашање границата помеѓу приватноста и јавниот интерес и нивните меѓусебни односи.

Тимот на СЈО веќе дојде до конкретни резултати со кои пошироката јавност треба да биде запозната. Тоа што е веќе сработено во изминатите неколку месеци покажува дека тече процесот на врамнотежувањето на етичките и процедуралните обврски одредени со закон и јавниот интерес како највисоко народно добро во Република Македонија.

Граѓани на Република Македонија, ве известувам дека Специјалното јавно обвинителство отвора постапки за десетина кривични дела од областа на изборите и гласањето, слободите и правата на човекот и граѓанинот, општата сигурност и имотот, како и кривични дела против службената должност и државата.
Во оваа фаза доминираат кривичните дела против изборите и гласањето, бидејќи сметаме дека значајно е да се согледаат сите начини на кои се делувало врз изборите, а со цел во иднина да се спречат злоупотреби и нови кривични дела.

За да може СЈО поуспешно и на време да ги изврши поставените задачи, неопходни се следниве мерки:

Прво, по итна постапка да се дополни Законот за заштитен сведок од гледиште на потребите на СЈО;

Второ, судските процеси пред редовните судови од надлежност на СЈО да се предадат на СЈО без отпор и одоговлекување;

Секој вид отпор ќе биде нотиран во Изввештајот на СЈО што се изготвува на шест месеци и што се доставува на увид на Собранието на Република Македонија;

Трето, Советот на Јавните обвинители на Република Македонија да се придржува стриктно за важечката законска регулатива и целосно да ја почитува автономијата на СЈО.

Опструкцијата ќе продолжи, но ја уверувам јавноста дека истата нема да има негативен ефект врз работата на СЈО.

Во оваа прилика сакам да ја најавам првата акција на СЈО – Титаник.

Подеталните информации ќе ги дадат моите колешки, јавните обвинителки Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска.

2. Фатиме Фетаи

BAT_8404 copy

Почитувани претставници на медиумите. Во овој момент преку Вас и се обраќам на целата јавност во Македонија и во светот, всушност на секој кој што е заинтересиран да победи правдата.

Оваа прес конференција има повеќе акценти, а секако еден од нив е работата на специјалната јавна обвинителка, мојот претпоставен – почитуваната г-ѓа Катица Јанева и на нејзиниот тим, да ја претставам на најсликовит можен начин, така што и најмладите генерации да разберат што сме сработиле.

Нема да должам со мојот вовед, имајќи предвид дека сериозноста на криминалните дејствија не ми ни дозволува.

Имено, по основањето на ова обвинителство и разните институционални, законодавни, медиумски, финансиски опструкции, навреди, говор на омраза, повик за насилства, кривични пријави за наводно малтретирање во службата, кои го следеа тој дел, врз основа на прислушкуваните разговори во СЈО беше воспоставена надлежност над повеќе предмети кои претходно беа во работа во обвинителствата во Република Македонија.

Еден од тие предмети е токму она за што денеска ќе Ви зборувам и се води под реден број 1 во- нашето обвинителство, верувајте сосема случајно.

Имено, иако според нас се работи за втор по важност предмет, после прислушкувањето каде е нападнат целокупниот уставен и правен поредок и особено најважните човекови права, сепак кривичните дела против изборите и гласањето и легитимитетот добиен со такви избори е она што според ова обвинителство од кривично-правен аспект претставува почеток на криминализација на целокупниот институционален систем.

Во овој предмет после огромен број на предистражни дејствија, врз основа на огромен број на индиции и се разбира докази, произлезе основано сомнение дека одредена група на луѓе, на кои нема да ги откријам идентитетите, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето или во превод преку целокупното криминализирање на изборниот процес, освојување на власт.

Дејствијата кои денеска ќе ви ги презентирам за кои постои основано сомнение дека се сторени од овие лица во целост се поистоветуваат со дејствија предвидени во кривичниот законик како кривични дела за кои законодавецот предвидел затворски казни.

Поради ова отворена е истражна постапка против повеќе лица за кривични дела: Злосторничко здружување од чл.394 од КЗ, Повреда на избирачкото право од чл.159 од КЗ, Повреда на слободата на определување на избирачите од чл.160 од КЗ, Поткуп при избори и гласање од чл.162 од КЗ, Уништување на изборен материјал од чл.164 од КЗ и Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ.

013   022

Со цел да бидам прецизна ќе прочитам дел од дејствијата на злосторничкото здружување.

Имено, во 2012 година, осомничените кои имале својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Р.Македонија, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна. На истата група по создавањето припадници станале другите осомничени лица, сведоци и други засега непознати лица, на начин што дел од осомничените и други засега за истрагата, непознати лица, заради победи на изборите на политичката партија, сочиниле план, да на противзаконит начин им овозможат на повеќе лица да користат избирачко право, кои дејствија според планот би се реализирале преку службените лица, вработени во Министерството за внатрешни работи на РМ и лица кои директно ќе врбуваат и носат лица од странство со реализација преку одделот за информатика и телекомуникации на МВР, потоа преку насилство и други противправни дејствија во текот на изборната кампања и самите изборни денови да влијаат на начинот како да се врши избирачкото право и да спречуваат вршење на избирачко право, во изборниот процес на лица со избирачко право да нудат, дават и ветуваат подарок или друга корист со намера да ги придобијат како да го вршат избирачкото право и да користат незаконски средства за финансирање на кампањата, кој план го прифатиле останатите осомничени, сведоците и други засега непознати лица, при што во рамките на групата и создавачите и припадниците имале конкретна улога, кои улоги се детално опишани во наредбата а спроведување истражна постапка.

Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ несмеат да бидат. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму, и гласале, потоа определени се 15000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35000 лични карти кои не се подигнати од барателите, и никој незнае зошто стојат во МВР, имаме и 60000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет, што би рекол почитуваниот г-дин Прибе.

Меѓутоа, ова не е единствениот начин на кој е влијаено врз изборниот процес. Применувани се и други методи како насилства, поткупи, злоупотреба на државни капацитети за партиски цели, злоупотреба на медиумите, злоупотреба на јавните фондови и незаконско финансирање на изборната кампања. Сите овие дејствија како што наведов законодавецот ги третирал како кривични дела против изборите и гласањето и за сите постои основано сомнение дека се сторени од конкретни лица.

Најпрвин ќе почнам од Министерството за внатрешни работи, и неговата улога во целокупната криминализација на процесот.

Министерот за внатрешни работи ја впрегнал целокупната, и човечка и техничка инфраструктура за да го состави избирачкиот список по волја на интересите на партијата од која доаѓа. Избирачкиот список да не стане забуна, по закон го води ДИК, меѓутоа податоците во истиот, речиси во 90% се податоци кои потекнуваат од службите во МВР. Се разбира дека тука се вклучило и Министерството за правда преку матичните одделенија, меѓутоа кај нив дејствијата сеуште се во фаза на основи на сомнение.

Конкретно, кога се јавила потребата за нови сигурни гласачи Министерот за внатрешни работи ангажирал голем дел од капацитетите и подредените ги погазиле сите закони, правилници, упатства за работа за постигнување на таа цел.

Одеднаш системот на МВР почнал да работи во обратна насока, прво фотографирање за лични карти и со тоа влегување во системот на лични карти, па системот на информатика си ја завршил работата и со тоа имаме нови гласачи во избирачкиот список, а отпосле живеалиште за тие лица. После вметнувањето во системот на МВР за лични карти, а со тоа и во избирачкиот список, апсолутно е небитно што на дел потоа им изготвиле лични карти, на дел не, а некои си носеле на гласање и си гласале и со патни исправи, на кои живеалиштето им е на друго место, но бидејќи во избирачкиот список се запишани со новото живеалиште, изборните органи им дозволувале да гласаат.

Дополнителен товар имале полициските службеници и командирите на полициските станици како да покријат живеалиште на тие лица, кои ниту живееле, ниту живеат, ниту има можност да живеат на тие адреси.

Голема улога во целиот процес имале и одредени нотари, кои заверувале договори за закуп без никаков правен основ.

Сепак, има многу од полициските службеници и управните служби и кои одбиле да ги реализираат овие незаконити дејствија, затоа и добиваме силна верба во можностите на оваа држава.

На крај огромен дел од финансиската поддршка за сето ова е обезбедена преку незаконити и непријавени извори.

Да напоменам дека против определени лица е предложена мерка притвор како најстрога мерка за обезбедување присуство, акцентот на мерката е поради основан страв дека ќе се врши влијание на сведоците и соучесниците, за што поднесовме и докази дека веќе се вршело такво влијание, а за некои од лицата и по другите основи, особено заради сериозна можност за повторување на кривичните дела и против едно лице со двојно државјанство поради опасност од бегство.

Воедно Ве известувам дека од страна на ова обвинителство денеска отворена е истрага и против членови на општинската изборна комисија во Чаир, затоа што постои основано сомнение дека сториле кривично дело Изборна измама, со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците.

Исто така отворена е истрага и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ.

Извесно е дека истрагите ќе се прошируваат и нема да биде поштеден никој кој дејствувал на криминален начин.

Во останатиот дел ќе продолжи мојата колешка Ленче Ристоска.

3. Ленче Ристоска

BAT_8392 copy

Ќе продолжам таму каде што застана мојата колешка. Имено, во рамки на ова Јавно обвинителство врз основа на објавените разговори започнати се повеќе предистражни постапки, а се прават проверки и извиди за отворање и на други предистражни постапки. Имено започнати се предистражни постапки за предметот Маѓар Телеком, кој е побаран од обвинителството за организиран криминал, како и за аферата во јавноста позната како „Надеж“ за кој предмет е изготвено писмо со барање за достава.

Сакам да укажем дека соработката со институциите оди навистина тешко и иако на почетокот се надевавме дека ќе се надмине ваквата состојба и ќе се воспостави професионална и добра соработка, сепак тоа нешто не е случај. Последица на ваквата состојба е одолговлекување на одредени предистражни постапки, во кои сепак, во рамки на законските прописи се преземаат сите активности и се користат сите законски овластувања.

Иако е тешко е да се задржи вниманието после ваков обем на информации, сепак има уште неколку важни работи кои треба да се соопштат.

Изминатиот период сите Вие сте сведоци на обидот да биде нарушена репутацијата на ова јавно обвинителство како институција, на јавните обвинители и истражителите од ова ЈО. Ваквите обиди за жал доаѓаа од сите страни, институции на системот, индивидуи, политички партии.

Со должна почит кон Советот за јавни обвинители, искрено се прашуваме дали имаме поддршка за нашата работа, имајќи ги предвид последните изјави на Советот. Имено од страна на Советот при последната изјава за јавноста беа соопштени невистини и непроверени факти. Појаснуваме дека ние немаме судска полиција и не била користена асистенција на полициски службеници да некој биде отстранет од работа, за што сведочат и видео записите од нашите безбедносни камери. Сепак изразуваме уверување дека Советот во иднина, како професионална институција ќе појасни врз основа на кои законски одредби и процедури постапувал при оценување на законитоста на дејствијата преземени од Специјалната јавна обвинителка, со што ќе ги отстрани сите сомнежи за пристрасно и необјективно постапување.

Воедно, во изминатиот период обид да се дискредитира работата на ова јавно обвинителство беше направен од индивидуи, кои поднесоа кривични пријави против обвинители и истражители од ова јавно обвинителство за наводно малтретирање во вршење на службата. Во овој момент сакаме да го потенцираме нашиот демант што и претходно го упативме. Имено, појаснуваме дека постапувајќи согласно законот, од наша страна во целост се почитуваат сите права на лицата во постапката и тоа како сведоците така и осомничените лица. Членот 212 од ЗКП пропишува овластување и обврска на јавниот обвинител да повикува сведоци, односно лица за кои е веројатно дека ќе можат да дадат известување за кривичното дело и сторителот и за други важни околности. Притоа, согласно Законот, секое лице кое е повикано како сведок е должно да се јави на поканата. Воедно, членот 219 пропишува обврска на јавниот обвинител да го опомене сведокот дека е должен да ја зборува вистината и дека не смее ништо да премолчи, како и да го предупреди за последиците од давање на лажен исказ. Укажувањето на последиците од давањето на лажен исказ и предочување на законските можности, не се акти на малтретирање или застрашување.

Еден од основните принципи во кривичната постапка е пресумпцијата на невиност. Јавните шпекулациите и гласините го повредуваат правото на пресумпција на невиноста и директно влијаат на поткопување на интегритетот на истрагите. Така медиумскиот простор се злоупотребува и медиумите наместо да го почитуваат правото на пресумпција на невиност, се впуштаат во пресумпција на вината на лицата против кои се поднесени кривични пријави. Поради ова укажуваме дека медиумите не се соодветен форум за размена на аргументи и докажување. Ние постапуваме согласно законот, а медиумите ќе бидат информирани. Ова е последен пат во медиумскиот простор да ја дискутираме темата за поднесени кривични пријави против обвинители и истражители од ова јавно обвинителство и правосилната размена на аргументи ќе ја извршиме со презентирање на докази пред судот.

Обид за дискредитација дојде и од страна на одредени политички партии. Сакаме да упатиме порака до јавноста и сите политички фактори во Република Македонија, дека ние сме професионално и независно обвинителство, кое работи исклучиво согласно законот и преку почитување на правата на сите лица во кривичната постапка, ќе обезбеди спроведување на независни и професионални истраги. Се оградуваме во целост од изјавите на политичките партии кои се обидуваат работата на ова Јавно обвинителство да ја прикажат во сопствена корист. Наш единствен фокус е борбата против криминалот во согласност со надлежностите дадени со уставот и законите.

Оваа прилика ќе ја искористиме да Ви соопштиме повеќе информации за кои беше изразен интерес, а кои поради работни обврски не бевме во можност да ви ги обезбедиме.

Ќе започнам со материјалите предадени од политичката партија СДСМ. Ве известуваме дека во тек е детално евидентирање на предадените материјали. Имајќи ја предвид обемноста на истите, Ве известуваме дека пописот ќе трае колку што е потребно и за констатираната состојба ќе биде изготвен и статистички преглед, кој ќе биде дел од извештајот доставен до Советот на ЈО и Собранието на РМ.

За крај би се надоврзала на изјавата на специјалната јавна обвинителка г-ѓа Катица Јанева, дека Република Македонија е демократска земја, која што постигна значаен напредок во реформите во правосудството, создавајќи институции одговорни за обезбедување на владеење на правото. Според тоа ова јавно обвинителство работи и ќе работи исклучиво во рамките на законот и ќе соработува со институциите, се со цел да ја спроведе правдата.