Денес ова Јавно обвинителство оддржа прес конференција. Во продолжение се изјавите на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и јавната обвинителка Ленче Ристоска.

Катица Јанева

Почитувани граѓани

Дозволете ми на почетокот на оваа прес конференција да ви ја најавам новоотворената истрага во специјалното јавно обвинителство под името “тврдина”. За акцијата подетално ќе ве извести мојата колешка, јавниот обвинител Ленче Ристоска. Како што кажав денешнава прес конференција е тематска и се однесува само на оваа истрага од кои причини други прашања нема да бидат предмет на одговор.

Цитирајќи го уставот на Република Македонија, а конкретно членот 25 кој на секој  граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот” подразбира дека секое неовластено навлегување во приватноста на личноста, на достоинството и на слободата на човекот претставува повреда на личната автономија, на емоционалните чувства и на интимата како приватна сфера на човекот.

Како што кажува почитуваниот професор по уставно право Светомир Шкариќ во една од своите книги тоа што не е наменето за туѓите очи и уши-како да не постои. Тоа е најсветиот закон на човековото однесување.

Истовремено, извештајот на Прибе констатира дека екслузивитетот во следењето од страна на Убк кое го врши и набљудува во свое име, како и во име на полицијата, царинската управа и финансиската полиција индиректно ја поткопува независноста на обвинителството како водач на истрагата.

Извештајот прецизно укажува дека УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал, а операторите треба да ги активираат и пренасочуваат сигналите до надлежните органи или до безбедносните органи само по добивањето на релевантна судска наредба  и само за целите на законското прислушкување. Уште повеќе извештајот категорично нотира дека под било кои околности не треба да се овозможи собирање на информации за политички или други цели. Тоа е и основата за отворање на оваа истрага која е поврзана со незаконското следење на комуникациите.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека сум особено горда на фактот што специјалното јавно обвинителство е прва институција во Република Македонија која ја воспостави праксата на тесна соработка меѓу припадниците на правосудната полиција-истражителите и јавните обвинители. Сметам дека е од исклучителна важност да го потенцирам ова поаѓајќи првенствено од фактот што истражителите претставуваат еден од столбовите на кои се заснова ова обвинителство, а потенцијалот на истражителскиот кадар несомнено многу придонесе во досегашната работа на ова обвинителство.

Ова особено заради тоа што истражителите користејќи ги законските овластувања кои им се дадени имаат исклучително важна улога особено во предистражната и истражна постапка и во голем дел придонесуваат во обезбедувањето на докази неопходни за натамошно успешно водење на кривичната постапка.

Оттука, специјалното јавно обвинителство како тим на индивидуи кои покрај капацитет поседуваат и висок степен на свесност за заедничката одговорност која е пред нас, ќе продолжи да работи сплотено за да и овозможи на оваа институција да ја постигне зададената мисија што претставува и наша единствена цел.

Во оваа насока сакам да се произнесам и во однос на неовластеното пуштање на социјалните мрежи на приватни разговори помеѓу одредени сегашни и поранешни функционери. Ги повикувам засегнатите поединци да дојдат во специјалното обвинителство за да поведеме соодветни кривични постапки.

Истовремено ги повикувам сите кои поседуваат незаконско прибавени аудио и друг вид на разговори помеѓу одредени лица истите да ги достават во најкраток  можен рок до специјалното обвинителство.

Ленче Ристоска

Почитувани претставници на медиумите,

Како што и специјалната јавна обвинителка најави, денес ќе Ви го презентирам предметот кој пред ова Јавно обвинителство се води под називот „Тврдина“. Се работи за предмет кој е поврзан со незаконското следење на комуникациите од причина што со пресуда врз основа на предлог спогодба донесена од Основниот суд Скопје 1 Скопје IV КОК ПП бр.131/15 од 25.02.2015 година, утврдено е дека незаконското следење на комуникациите е вршено преку искористување на уредите за прислушкување и тонско снимање на техничките капацитети на средствата за следење на комуникации при Министерството за внатрешни работи. Овој предмет се однесува токму на ваквите уреди, односно системи за следење на комуникациите.

Во овој предмет осомничени се двајца началници на Оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање и Министерот за внатрешни работи, кои во првата половина од 2015 година заедно со искористување на службената положба и овластување и со пречекорување на границите на нивното службено овластување, со умисла помогнати од осомничениот Началник на една од единиците во Управата, ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и Буџетот на Република Македонија во износ од 10.000.000,00 евра или 615.000.000,00 денари.

Осомничените лица делувале исклучиво од позиција на службени лица, искористувајќи ја својата службена положба и овластување и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување.

Така, по донесување на пресудата врз основа на Предлог спогодба која што претходно ја споменав, првоосомничениот заради прикривање на други лица кои неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите при УБК, издал усна наредба до раководните лица на организационите единици во рамки на Одделот за оперативно техничка поддршка на операции за доставување на Известување за состојба на материјално технички средства во Управата за безбедност и контраразузнавање. Ваквата наредба била дадена со цел да се прикаже наводна потреба од ништење на системите за следење на комуникации, иако согласно Извештајот од пописот за 2014 година не е констатирана потреба од расходување на средства или системи по било кој основ.

Врз основа на известувањата кои ги добил, првоосомничениот на 11.03.2015 до Одделот за координација при Управата доставил Предлог за формирање Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување заради техничка застареност и нефункционалност на системите.  Притоа спротивно на член од 8 став 6 од Упатството за вршење на попис во Министерството за внатрешни работи, за членови на Комисија предложил лица кои ракуваат со средствата кои се предмет на попис, односно лица кои се материјално задолжени за средствата кои се предмет на попис.

На 16.03.2015 второосомничениот како началник на Одделот за координација при Управата до Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси при Министерството за внатрешни работи изготвил и доставил Предлог за формирање на Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување заради техничка застареност и нефункционалност на системите и техничката опрема, спротивно на член од 8 став 6 од Упатството за вршење на попис во Министерството за внатрешни работи, како и без прецизна и јасна формулирана задача на Комисијата и без појаснување дали барањето за формирање на Комисија се однесува на конкретни технички системи, средства и опрема или пак како конкретен предмет на попис и ништење се јавуваат сите системи, средства и опрема во УБК.

Тука особено симптоматично е што од Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси во МВР, било укажано на недостатоците во предлогот второосомичениот, но иако овој допис е примен во УБК, сепак второосомничениот не извршил дополнување и појаснување, кое нешто било направено со цел да се прикрие фактот дека предмет на ништење се системите за следење на комуникации .

Со оглед дека решението не било изготвено, првоосомничениот реагирал во Сектрот за правни работи и управување со човечки ресурси, по што од Секторот е пристапено кон изготвување на решението по напатствија дадени од Министерот за внатрешни работи. Така, на 23.03.2015 Министерот за внатрешни работи (третоосомничената) формирала Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување на системи и техничка опрема во Управата за безбедност и контраразузнавање, без да ги има предвид одредбите од законските и подзаконските акти кои го регулираат начинот на постапување со класифицирани информации, без да има конкретен законски основ за формирање на комисија за ништење на средства и опрема, без да постои барање од сите организационите единици во Управата за безбедност и контраразузнавање согласно Упатството за вршење попис и без да изврши проверка дали предложените членови на Комисијата ги исполнуваат условите од член од 8 став 6 од Упатството за вршење на попис во Министерството за внатрешни работи.

Со решението Комисијата била овластена да изврши попис на системите и техничките средства и опрема од листата на задолжување во Управата за безбедност и контраразузнавање, да ја констатира затекнатата состојба и доколку утврди нивна техничка застареност и нефункционалност да изврши ништење на системите и техничките средства и опрема во правно лице оспособено за истото, да изготви записник и да ги расходува и избрише сите средства предмети и материјали од книговодствената евиденција на Министерство за внатрешни работи.

Така на 26.03.2015 година Комисијата пристапила кон попис на системите и техничката опрема но само во Одделот за оперативно – техничка поддршка на операции и следниот ден на 27.03.2015, лицата задолжени за ракување со системот за следење на комуникации го исклучиле системот за следење на комуникации кој тогаш бил во употреба, за да пнаредниот ден на 28.03.2015 година пристапат кон товарење на системите и опремата кои биле предмет на попис и ништење, меѓу кои и двата системи за следење на комуникации.

Ваквите системи и опрема со товарни возила сопственост на МВР биле однесени во правно лице кое има отпад за старо железо, при што на лице место освен присутните лица ангажирани на правното лице и членовите на Комисијата, присутни биле и прво, второ и четвртоосомничените. Четвртоосомничениот обезбедил логистичка поддршка за спроведување на ништењето, на начин што го организирал превозот до правното лице, го набљудувал процесот на ништењето и му дал налог на едно лице да изврши фото и видео документирање на настанот.

Откако целата опрема и системи биле ставени во пресата за ништење и пресувани, остатоците биле избалирани и оставени на отпадот, кој простор бил набљудуван од страна на припадници на Управа за безбедност и контраразузнавање, засега непознати за истрагата до 03.04.2015 година.

На 03.04.2015 година, без знаење и присуство на сите членови на Комисијата, а по налог на првоосомничениот даден со цел да се обезбеди целосно ништење на системите за следење на комуникации, дел од членовите на Комисијата, заедно со претставници на правното лице, откако ги натовариле балираните делови од уништените системи и опрема, се упатиле во друго правното лице, каде балираните делови од системи и опрема биле ставени во дробилица и биле повторно здробени.

За спроведеното ништење Комисијата изготвила Записник и преглед на ништени средства и опрема, како и Извештај. Досега не се пронајдени докази за тоа дали овој Извештај е доставен до Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и Министерот за внатрешни работи.

Откако лицето што вршело видео и фото документирање на настанот на четвртоосомничениот му ги предал фото и видео записите изрежани на носач на меморија –  ДВД диск, четвртоосомничениот, службениот материјал го уништил со цел прикривање на трагите, по што второосомничениот до Секторот за финансиски прашања при Министерството за внатрешни работи доставил допис на 28.05.2015 година, а со цел бришење на ништената опрема и системи од листите на задолжување на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Сепак дејствијата на осомничените лица не застанале тука.

Во периодот од втората половина на 2015 година до средината на март 2016 година, преземени се повеќе дејствија за фалсфикување на службени исправи, а во кои учество имала и петоосомничената како службено лице – технички документарист.

Имено, првоосомничениот со цел прикривање на незаконитите дејствија во постапката за уништување на системите за следење на комуникации, од позиција на претпоставен дал налог на началниците на организационите единици во Управата за безбедност и контраразузнавање да изготват Известување за потребата од ништење на системи и опрема. Потоа истиот со умисла ја поттикнал петтосомничената, во својство на службено лице – технички документарист во Одделот, да изврши фалсификување на службена исправа и на ваквите Известувања да внесе невистинити податоци, односно истите да ги заведе во деловодната книга за 2014 година, како да се изготвени во 2014 година, иако овие дописи се изготвени во периодот од 2015 до 2016 година.

Во истиот период првоосомничениот изготвил службен допис со невистинита содржина во кој внел невистинити податоци како дописот наводно да е испратен до Одделот за Координација при Управата за безбедност и контраразунавање и со свој потпис го заверил службениот допис. Овој допис бил изготвен со намера да се прикаже дека наводната потреба за ништење на системите за следење на комуникации датира од претходно, а не од месец март 2015 кога е спроведено ништењето.  Со овој допис се известува Одделот за координација за наводната потреба од формирање Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и листа на задолжување заради техничка застареност и нефункционалност на системите. Иако се работи за допис кој бил изготвен во периодот од 2015 до 2016 година, петтосомничената го завела споменатиот допис на крајот на деловодната книга за 2014 година, внесувајќи невистинити податоци за датумот на дописот и архивскиот број. Треба да се напомене деловодната книга за 2014 година не била заклучена согласно законските прописи, како и дека овој допис не евидира во службената евиденција за прием на пошта во Одделот за координација при Управата за безбедност и контраразузнавање.

Потоа второосомничениот наводно постапувајќи по дописот на првоосомничениот изготвил нов службен допис адресиран до Секторот за Правни работи и управување со човечки ресурси. Второосомничениот во овој допис внел невистинити податоци дека дописот наводно е доставен до архивата во Управата за безбедност и контраразузнавање и Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси при Министерството за внатрешни работи, иако овој допис никогаш не бил заведен во деловодните книги на споменатите организациони единици. Целта и на овој допис била да се прикаже дека наводната потреба за ништење на системите за следење на комуникации датира од претходно а не од месец март 2015 кога е спроведено ништењето и служел само како покритие на дописот на првоосомничениот.

Четвртоосомничениот кој имал улога на помагач при вршење на кривичното дело Злоупотреба на службената положба при спроведување на ништењето на системите за следење на комуникациите, на ден 08.03.2016 година во периодот од 09,30 часот до 12,00 часот во својство на заменик на првоосомничениот, ги употребил сите споменати службени дописи со невистинити податоци во службата како вистинити. Имено истиот ваквите службени дописи ги презентирал на состанокот оддржан во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање во присуство на службени лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и претставници на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Со наведените дејствија

  • првоосомничениот сторил кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 22 од КЗ и кривично дело Фалсификување службена исправа од член 361 став 1 в.в. член 23 од КЗ и едно кривично дело Фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од КЗ.
  • второосомничениот сторил кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 22 од КЗ и кривично дело Фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од КЗ.
  • третоосомничената сторила кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 22 од КЗ
  • четвртоосомничениот сторил кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 24 од КЗ и кривично дело Фалсификување службена исправа од член 361 став 2 в.в. став 1 од КЗ.
  • петтосомничената, за која согласно член 468 од ЗКП се води скратен постапка, сторила шест кривични дела – Фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од КЗ

Очекуваме во текот на истрагата да се провери и утврди улогата, инволвираноста и евентуалната одговорност на секој од членовите на Комисијата во постапката за ништење, како и да се утврди евентуална инволвираност и на други службени лица.