Денес ова Јавно обвинителство оддржа прес конференција. Во продолжение се изјавите на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и јавната обвинителка Фатиме Фетаи, а јавната обвинителка Ленче Ристоска одговараше на новинарски прашања.

1.Обвинител Катица Јанева
Почитувани граѓани на Република Македонија, почитувани претставници на медиумите, во оваа прилика ве известувам дека е изготвен вториот шестмесечен извештај за работата на обвинителството и ја изразувам својата подготвеност во периодот од 19 до 30 септември извештајот да го презентирам во Собранието на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на РМ.
Истовремено, сакам да кажам дека целата македонска јавност треба да биде уверена дека СЈО ке продолжи со својата работа, со цел да граѓаните на РМ, ја дознаат вистината за тоа кој и на кој начин во периодот од 2008 до 2015 година извршил кривично дело поврзано и кое произлегува од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Kој се збогатил на сметка на граѓаните на РМ и тоа богатство да биде вратено во Буџетот на РМ и да биде искористено на адекватен начин.
И најважно од се СЈО на законски начин да утвди кој го вршел прислушкувањето во РМ во временскиот период од 2008 до 2015 година и со која цел.
Со донесување на законот за СЈО снимките од неовластеното прислушкување и содржината на истите добија законска форма, претставуваат доказен материјал и како такви станаа дел од правниот систем на РМ, односно законот го имплементира сведскиот стандард дека јавниот интерес е пред интересот на поединецот, особено пред интересот на оние што практикуваат власт.
Денеска пред целата јавност апелирам законодавниот дом да ги донесе поднесните од моја страна измените на законот за заштита на сведоци, за да може СЈО да навлезе во сржтта на предметите како што се Мартин Нешковски, Монструм и Сопот.
Покрај извештајот, на денешната прес конференција ке ви бидат презентирани и два нови кривични предмети, за кои денеска поднесов обвиненија до Кривичниот суд Скопје 1 Скопје, а за кои подетално ке ви објасни ЈО ФФ, а потоа ЈО ЛР ке одговори на вашите прашања.

2.Обвинител Фатиме Фетаи
Како што кажа почитуваната специјална обвинителка Катица Јанева, денес ќе бидат поднесени две обвиненија. Да нема дилеми во однос на нашата надлежност, за првото обвинение кривично правните дејствија кои им се ставаат на товар на обвинетите се поврзани со неовластеното следење на комуникациите. За второто обвинение надлежноста на ова јавно обвинителство произлегува од содржината на прислушкуваните разговори, од кои дел се и јавно објавени.
Првиот предмет е од огромно значење за целокупниот мандат на ова Јавно Обвинителство. Се работи за уништување на документација поврзана со неовластеното прислушување. Ова јавно обвинителство во конкретниот случај располага со доволен број докази од кои основано може да се очекува донесување на осудителна пресуда и во таа насока до надлежниот суд поднесува обвинение.
Преземајќи истражни дејствија во насока на обезбедување на докази за тоа кој вршел, со какви средства и зошто е вршено неовластено прислушкување во Република Македонија, покрај она што беше соопштено во предметот Тврдина, ова обвинителство прибави и доказен материјал и за други кривични дела вршени со цел да се спречи откривањето, токму на претходно наведеното, кој, како и зошто прислушкувал.
Во тој контекст од доказите произлезе дека првообвинетиот во својство на службено лице во Петтата управа при УБК незаконито формирал комисија за ништење на службена документација и заедно со шесте членови на комисијата уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат за системите за следење на комуникациите.
Според доказите, првообвинетиот, издал усна наредба за формирање на Комисија за попис и годишно ништење на материјали, иако Законските и подзаконските акти не дозволуваат обвинетиот да формира таква комисија. Целта на ништењето на службената документација била да бидат уништени списите поврзани со работата на системите за следење на комуникациите, покрај уништувањето на самите системи, што беше елаборирано во Тврдина. Службените лица членови на незаконски формираната комисија извршиле селекција и попис на сите списи за ништење. Во списите имало и класифицирани документи.
Целото ништење е направено спротивно на сите законски и подзаконски акти и обвинетите службени лица наместо да ги дадат списите во правно лице овластено за ништење, без никаква процедура за ништење ги запалиле списите на локација која им била посочена од првообвинетиот. Како што наведов уништени се и класифицирани информации без да бидат истите обезбедени согласно Уредбата за административна безбедност на класифицираните информации, односно без уништувањето да биде извршено на начин кој ќе овозможи понатамошно обновување на класифицираниот материјал, а што е најважно уништени се и списи поврзани со работењето на системите за следење на комуникациите.
Од сите прибавени докази произлезе дека во дејствијата на седум обвинети се содржани законските обележја на кривично дело – Фалсификување службена исправа од член 361 став 2 в.в. со став 1 в.в. со член 22 од КЗ и обвинението е поднесено против сите седум лица.
Вториот предмет кој ќе го презентирам е преземен од ОЈО Скопје.
СЈО како надлежно обвинителство да гони кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, врз основа на одредбата од член 287 од ЗКП ги прибави материјалите за кои е основано да ги истражува.
По првичната анализа на добиениот материјал, во делот на прислушкуваните разговори беше содржан и разговор од телефонска комуникација помеѓу двајца поранешни високи носители на извршната власт во Република Македонија, кој беше јавно објавен. Наведената телефонска комуникација е случена на ден 01.06.2013 година во 20:57:33 часот и истата е со времетраење од 4 минути и 4 секунди, откако веќе била закажана седница на советот на општина Центар со дневен ред-Поништување на повеќе детални урбанистички планови, меѓу кои и ДУП Мал Ринг.
Имајќи предвид дека од содржината на снимката врз основа на кој е оформен предметот произлезе дека постои сомнение за поттикнување за извршување кривично дело против јавниот ред и мир, од насилна природа, СЈО презеде низа на дејствија и активности со цел да испита дали содржината на снимката има своја завршница, односно дали вистински е сторено некое кривично дело на кое наведува содржината на снимката.
Поради наведените причини беа прибавени голем број видео записи, други материјални докази и беа испитани 20–тина сведоци. Некои од сведоците побараа и заштита, стравувајќи за својата безбедност и безбедноста на нивните семејства. Во овој момент поради законската неможност ова обвинителство самостојно да даде заштита на сведоците, на сведоците им се овозможува анонимност, како процесна заштита, предвидена во Законот за кривичната постапка, така што нивниот идентитет ќе остане непознат.
Од сите прибавени докази произлезе дека содржината на снимката навистина има кривично–правен епилог и обвинителството основано очекува да биде донесена осудителна пресуда против сите обвинети. Обвинението е поднесено против 14 лица за кривично дело Насилство, и тоа, за пет лица како поттикнувачи на Насилството и девет лица како директни извршители на насилството.
Од доказниот материјал произлезе дека во месец јуни 2013 година, првообвинетиот, со умисла побарал, а второбвинетиот беспоговорно прифатил и преку трето, четврто и петтобвинетиот, го поттикнал дел од членството на партијата, да во група од повеќе лица извршат грубо насилство спрема градоначалникот на општина Центар и спрема советниците од советничката група на општина Центар, но од спротивната политичка опција.
Анализите кои ги направи ова јавно обвинителство на доказите кои беа собрани, упатуваат на тоа дека мотивите на првообвинетиот за ваквото барање се чисто лукративни, заради опстојување на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери. Впрочем, во доказниот материјал од наша страна е доставен и уште еден разговор помеѓу еден поранешен висок носител на извршната власт, опфатен и во обвинението и познат македонски бизнисмен. Тој разговор е само една мала потврда за напред наведените мотиви. Наведената телефонска комуникација е случена на ден 13.10.2013 година во 22 часот, 02 минути и 49 секунда со времетраење од 56 секунди.
Имајќи го предвид дневниот ред на седницата, како и спорните урбанистички планови, меѓу кои и Мал Ринг, чие поништување било на дневен ред на седницата на советот, како и целиот комплекс на интереси и објекти кои го носи Дуп-от Мал Ринг, јасно произлегува и мотивот за ваква реакција на дел од обвинетите, со конкретно поттикнување на насилен начин да се спречи одржувањето на седницата.
Токму затоа е дадена наредба да преку органите на партијата кои се хиерархиски подредени се преземат конкретни дејствија, кои би го спречиле одржувањето на седницата, дополнително проследено со насилство. Од доказите произлезе дека за таа цел дел од обвинетите преку партиските органи организирале да се протестира заради наводно рушење на црквата “ Св. Константин и Елена “ која била во фаза на градба, иако, таква одлука за рушење на објекти во фаза на градба воопшто не била предмет на расправа на седницата. Наредбата е, наводниот мотив и целокупната организацијата со тој мотив и медиумски да се промовира, за да се зголеми и бројот и гневот на членството.
Според доказите, на денот на седницата на 07.јуни.2013 година, пред општина Центар се собрала поголема група на луѓе, меѓу кои и дел од обвинетите, кои во група со други засега непознати лица влегле во дворот на општината и почнале насилнички да се однесуваат кон оштетените. Доказите упатија дека насилничкото однесување било преку силно тропање по прозорците од бараката бр.6, каде што требало да се одржи седницата на Советот, како и по целата барака, отворање на прозорите од бараката, континуирано извикувајње на погрдни и заканувачки зборови, повикувајќи го Градоначалникот да излезе надвор и да се соочи со нив.
Навредите и заканите ќе бидат предмет само на обвинението, но, не и на јавно објавување, со оглед на нивната содржина, која во овој случај не е за презентација. Поради ова насилно однесување била оневозможена работата на Советот, а и заради спречување на поголеми инциденти, била прекината и презакажана за друг ден.
На продолжението на седницата, на 10.06.2013 година, повторно, пред општината се собрале неколку стотици луѓе и со оглед да од безбедносни причини вратите за влез во дворот на општината биле затворени, дел од обвинетите и поголем дел од луѓето кои протестирале, насилно ја скршиле кованата ограда од дворот, влегле непосредно пред бараката каде требало да започне седницата и почнале да фрлаат кон бараката со разни предмети, и тоа: камења, живи јајца, компири, полни пластични шишиња, како и домати во кои во внатрешноста биле ставани камења, кои предмети им биле доставувани со возило. Со ваквите дејствија биле скршени сите прозори од барака број 6 од општината и притоа со повреда во пределот на левото око во вид на црвенило и влегување на стакло во окото се здобило едно лице.
При насилен обид за влегување во салата за седници била скршена и влезната врата од бараката преку која се стигнува до салата за седници. И овој пат биле упатувани истите и слични вулгарни и заканувачки зборови како и на 07.јуни.2013 година.
При преземање на насилничките дејствија од страна на дел од обвинетите, според доказите им помогнале обвинетите од советот на Општина Центар. Тие, од внатрешноста на салата за седници, по телефонска комуникација им давале совети-инструкции кога да бидат погласни, поагресивни и да почнат да тропаат, и тоа, најповеќе во моменти кога наликувало дека се создадени минимални услови за отпочнување со работа на седницата на советот. Еден од обвинетите од советот ги отстранувал и пречките, односно ги отворил прозорците од бараката за да можат да фрлаат со предмети кон оштетените. Како резултат на дејствијата, покрај телесната повреда која е нанесена на едно лице и се разбира, предизвиканото чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста, предизвикана е и материјална штета на Општина Центар, за која пред судот ќе се произнесе нивниот преставник.
Почитувани, патот до правдата е еден. Тој не трпи компромиси во корист на едни, а на штета на други. Не препознава други поделби освен, како што кажа и почитуваната специјална обвинителка, на лица за кои постојат докази дека се сторители на кривични дела и на лица за кои нема докази дека сториле кривични дела. Тоа мора да биде кристално јасно за секој граѓанин во Р. Македонија. Нема да има: ниту привилегирани – ниту неправедно обвинувани. За ова Обвинителство, секој што се огрешил кон Кривичниот закон во Република Македонија, ќе одговара.

На новинарски прашања одговараше обвинител Ленче Ристоска.