СПЕЦИЈАЛНИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ЈАНЕВА УЧЕСТВУВАШЕ НА ДЕБАТА „ГО СЛЕДИМЕ ЛИ ПРИБЕ? КАКВО ОБВИНИТЕЛСТВО Ѝ Е ПОТРЕБНО НА МАКЕДОНИЈА “

Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева синоќа учествуваше како еден од говорниците на „ЏЕФ“ – дебатата на тема „Го следиме ли Прибе? Какво обвинителство ѝ е потребно на Република Македонија на патот кон ЕУ“, организирана од невладината „Млади европски федералисти – Македонија“.

Во рамки на темите кои беа дискутирани, Јанева особено се осврна на улогата и значењето од овозможување услови Специјалното јавно обвинителство до крај да ја заврши работата која му е доделена, како и за важноста од добра соработка со Јавното обвинителство на Република Македонија. Таа нагласи дека очекува од новиот државен јавен обвинител, по неговиот избор, коректен и професионален однос, со почитување на работата на Јавното обвинителство со кое таа раководи.

Јанева ги изнесе и своите ставови од аспект на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор и донесувањето на соодветни законски решенија со кои би се регулирарал статусот на Специјалното јавно обвинителство. При тоа, говореше и за значењето од донесувањето на Закон за заштита на сведоци , со кој се уредува улогата на Специјалното јавно обвинителство во постапката за заштита на сведоци, а со кој ќе се отстранат пречките во работата на ова Јавно обвинителство и ќе се овозможи негово непречено постапување.

Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева во рамки на дебатата одговори и на повеќе прашања поврзани, како со улогата на Специјалното јавно обвинителство, така и со актуелните настани во правосудната сфера.