Функција, надлежност и организација на

Обвинителството

Основањето, надлежностите, функцијата и структурата на Специјалното јавно обвинителство се регулирани со Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (во натамошниот текст Законот).

При своето постапување, ова Јавно обвинителство се раководи од принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите во Република Македонија, стремејќи се да ја зголеми довербата на граѓаните во правосудниот систем преку транспарентно и независно постапување, за што гарант е автономноста на ова Јавно обвинителство.

Главната функција на ова Јавно обвинителство во рамките на правосудниот систем на Република Македонија е истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Неовластеното следење на комуникациите се дефинира како неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, вклучително, но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство на Република Македонија пред 15 јули 2015 година.

Специјалното јавно обвинителство првично има мандат од пет години од моментот на стапување на сила на Законот. Мандатот може да се продолжува за еднаш годишно со одлука донесена со двотретинско мнозинство од пратениците.

Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство е овластен да презема дејствија и да застапува по предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот суд на Република Македонија. Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство има целосна надлежност и овластување независно да ги извршува сите истражни и обвинителски функции на Јавното обвинителство.

Сите докази за кривични дела кои не се во обемот на овластувањата и надлежностите на Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, или се релевантни за постојни кривични предмети се предаваат на Јавниот обвинител на Република Македонија и обвинителот кој го води предметот.

Специјалното јавно обвинителство во контекстот на правосудниот систем во Република Македонија е организирано согласно начелото на автономија, што е подетално објаснето во глава VI од Законот. Оттаму, ниту еден јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, вклучувајки го и Јавниот обвинител на Република Македонија, не може да влијае на неговата работа, или да бара извештаи поврзани со предмети од јавниот обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното обвинителство. Јавното обвинителство презема контрола врз предметите кои спаѓаат во стварната надлежност на Јавното обвинителство во која било фаза од постапката, односно самостојно ја одредува сопствената надлежност. Јавниот обвинител којшто раководи со Специјалното јавно обвинителство е одговорен за својата работа пред Собранието на Република Македонија и пред Советот на јавни обвинители.

Начелото на автономија е изразено и во однос на начинот на финансирање на Обвинителството, со тоа што Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за финансии и Собранието на Република Македонија, не можат да го менуваат финансовиот план подготвен од Специјалното јавно обвинителство и се должни да го вградат во Буџетот на Јавното обвинителство на Република Македонија.

Со работата на Јавното обвинителство самостојно раководи Јавен обвинител кој ги распоредува работите и работните задачи и одговара за навремено и квалитетно вршење на работите (Специјален јавен обвинител).

Специјалниот јавен обвинител се избира од страна на Советот на јавни обвинители без јавен оглас, по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието на Република Македонија, за што е потребна претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија. Собранието го утврдува кандидатот за јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и го поднесува до Советот на јавни обвинители на Република Македонија, што исто така одлучува со двотретинско мнозинство. Специјалниот јавен обвинител има мандат од четири години со право на повторен избор.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е организирано според начелата на хиерархија и субординација. Функцијата јавен обвинител во ова Јавно обвинителство е извршувана лично од Јавниот обвинител кој раководи со обвинителството и од јавните обвинители избрани во Јавното обвинителство.

Јавните обвинители кои му помагаат на Специјалниот јавен обвинител се избрани од Советот на јавни обвинители по предлог на Специјалниот јавен обвинител. Специјалниот јавен обвинител именува двајца негови заменици кои му помагаат во неговата раководна функција со цел навремено и квалитетно вршење на работите.

Јавните обвинители кои му помагаат на Специјалниот јавен обвинител, немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат Специјалниот јавен обвинител пред надлежниот суд. Јавните обвинители назначени во Јавното обвинителство се одговорни единствено пред Специјалниот јавен обвинител, којшто е задолжен за оцена на нивната работа.

Специјалното јавно обвинителство ги вклучува и истражителите, експертите, стручната и административната служба. Согласно конципираната организациска поставеност на ова Јавно обвинителство врз основа на автономијата дадена со закон самостојно и независно да ги истражи кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, како поддршка на Специјалниот јавен обвинител и тимот на јавни обвинители, се јави потребата од формирање на тим на истражители. Тимот на истражители го сочинуваат полициски службеници од Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, како и стручни соработници кои се вклучени во тимот на истражители на ова обвинителство.

Стручната и административната служба ја сочинуваат јавнообвинителските службеници и лицата кои вршат технички и помошни работи. Имајќи го предвид специфичниот карактер на работите и работните задачи кои ги извршуваат вработените, нивниот статус е законски уреден. Јавнообвинителската служба на ова Јавно обвинителство се заснова врз начелата на законитост, професионалност, стручност и компетентност, одговорност, ефикасност, професионална етика, непристрасност и објективност, доверливост, спречување судир на интереси, економичност и почитување на принципот на хиерархиска поставеност.