Во прилог се одговори на често поставуваните прашања за работата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите:

Која е основната функција на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Специјалното јавно обвинителство)?

Согласно Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, главната функција на ова обвинителство во рамките на правосудниот систем на Република Македонија е истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Каква е структурата на Специјалното јавно обвинителство?

Ова обвинителство е организирано според начелата на хиерархија  и субординација. Со работата на ова Јавно обвинителство самостојно раководи Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, избран од Советот на јавни обвинители на предлог на Собранието на Република Македонија, кој ги распоредува работите и работните задачи и одговара за навремено и квалитетно вршење на работите (Специјален јавен обвинител). Функцијата јавен обвинител во ова Јавно обвинителство е извршувана лично од Јавниот обвинител кој раководи со обвинителството и од јавните обвинители избрани во Јавното обвинителство. Јавните обвинители кои му помагаат на Специјалниот јавен обвинител се избрани од Советот на јавни обвинители по предлог на Специјалниот јавен обвинител. Специјалниот јавен обвинител именува двајца негови заменици кои му помагаат во неговата раководна функција со цел навремено и квалитетно вршење на работите. Специјалното јавно обвинителство ги вклучува и истражителите, експертите, стручната и административната служба.

За кои кривични дела е надлежно?

Специјалното јавно обвинителство е надлежно за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Незаконското следење на комуникациите се дефинира како неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство пред15 јули 2015 година.

Во тој контекст законодавецот јасно ги одвоил и разликува две категории на процесна надлежност, исклучиво на ова Јавно обвинителство. Едната е кривичните дела да бидат поврзани со неовластено следење на комуникациите и втората е кривичните дела да произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Поврзаноста опфаќа многу поширок спектар и таа ги опфаќа сите криминални дејствија извршени во насока на злоупотреба на системите за следење на комуникациите.

Какви видови на криминални дејствија може да се пријават?

Во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да се пријават криминални дејствија за сторени кривични дела коишто се во надлежност на ова Јавно обвинителство

Како да стапите во контакт со нас?

Граѓаните кои имаат потреба да остварат контакт со Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, потребно е да упатат барање со назначување на причината поради којашто бараат да воспостават контакт со ова Јавно обвинителство. Барањата можат да бидат доставени лично, по пошта или по електронски пат.

Воедно, секое заинтересирано лице може да упати писмено барање до ова Јавно обвинителство во кое ќе го наведе телефонскиот број или телефонските броеви за кои се сомнева дека биле предмет на незаконско следење на комуникациите. Во барањето потребно е да бидат наведени и имињата на лицата кои ги користеле ваквите телефонски броеви и контакт податоците за лицата.

Како да пријавам сомневање за постоење на кривично дело?

Секое лице кое поседува било какви докази за сторени кривични дела коишто се во надлежност на ова Јавно обвинителство, може да ги достави во писмена форма, по што за постапувањето по истите ќе биде благовремено известено. Пријавувањето на сомневање за постоење на кривично дело е уредено и со Законот за заштита на укажувачи.

Како се обработува пријава при сомнеж за постоење на кривично дело?

Наводите од правните настани пријавени со поднесокот се анализираат и се испитува нивна корелација со постоењето основи на сомневања дека се сторени кривични дела коишто се поврзани и коишто произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите што е извршено во конкретниот период, а за коишто е надлежно да постапува Специјалното јавно обвинителство.

Кој ја обработува пријавата?

Пријавата ја обработуваат стручната јавнообвинителска служба при Специјалното јавно обвинителство, во координација и со конечно одобрение од јавните обвинители.

Што следува откако ќе поднесете пријава?

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите благовремено доставува повратен одговор до сите лица кои имаат доставено поднесок, со известување за можноста за покренување постапка за пријавените настани односно воспоставување надлежност врз предмети во онаа фаза од постапката кога согласно одредбите на кривичната постапка може да се издаде таква информација. За таа цел, потребно е лицата во поднесокот да назначат адреса за уредно доставување на повратниот одговор, вклучително и електронска адреса доколку лицето нема живеалиште на територијата на Република Македонија. За поднесоците од анонимни лица се подготвува службена белешка со истата содржина.

Дали ќе бидам известен доколку се подигне дело по моја пријава?

Секое лице кое доставува одредена пријава е повратно информирано за постапувањето по доставениот поднесок во онаа фаза од постапката кога согласно одредбите на кривичната постапка може да се издаде таква информација.

Што ако сум повикан за сведок или осомничен?

Како сведоци се повикуваат лица за кои е веројатно дека ќе можат да дадат известување за одредено кривично дело и сторителот и за други важни околности. Во поканата е наведено својството во кое се повикува лицето. Секое лице кое се повикува како сведок е должно да се јави на поканата и да сведочи, ако со одредбите на кривичната постапка поинаку не е определено. Ако сведокот кој уредно е повикан не дојде, а не го оправда изостанокот, или без одобрение или оправдана причина се оддалечи од местото каде што треба да биде испитан, може со судска наредба да се доведе присилно, а судот може и да го казни со парична казна. При испитување на сведокот се применуваат одредбите за кривичната постапка и лицето ќе се поучи за неговите права и должности, односно во кои случаи лицето може да биде ослободено од должноста да сведочи, правото на сведокот да не одговара на одредени прашања и прашањата кои не смеат да му се поставуваат на лицето како сведок, како и последиците од давање лажен исказ. За сведочењето се составува записник, што сведокот има право да го прочита.

Осомничен е лице против кое се води претходна постапка. Пред завршувањето на истражната постапка јавниот обвинител, ако тоа не го сторил претходно, е должен да го испита осомничениот. Обвинет е лице против кое е потврден обвинителен акт, поднесен обвинителен предлог, поднесен предлог за примена на мерка за безбедност, поднесена приватна тужба или поднесен предлог за издавање на казнен налог. Изразот обвинет согласно Законот за кривичната постапка се употребува и како општ назив за осомничен, обвинет и осуден. Обвинетиот е должен да се јави на поканата и веднаш да ја соопшти секоја промена на адресата или намерата да го промени живеалиштето односно престојувалиштето, при што ќе се предупреди и за последиците од присилно доведување односно парична казна. Пред секое испитување обвинетиот задолжително ќе се информира и поучи за неговите права и должности, а при испитувањето на обвинетиот се применуваат одредбите на кривичната постапка. За испитувањето се составува соодветен записник или примерок од визуелно-тонско снима  ње што задолжително му се доставува и на обвинетото (осомниченото) лице.

Дали е задолжително да дојдам со адвокат?

Секое лице осомничено или обвинето за кривично дело има право на бранител во текот на целата кривична постапка против него. Обвинетиот пред првото испитување или пред друго дејствие за кое таа обврска е предвидена со одредбите на кривичната постапка мора да се поучи дека има право на бранител по свој избор со кого може насамо да се советува и дека бранителот може да присуствува на неговото испитување. Законот за кривична постапка пропишува задолжителна одбрана во случаите кога:

– обвинетиот е нем, глув или неспособен самиот успешно да се брани;

– ако против него се води кривична постапка за кривично дело за кое во законот е пропишана казна доживотен затвор;

– ако против него е определен притвор за времето додека трае притворот;

– по поднесениот обвинителен акт поради кривично дело за кое со закон е пропишана казна затвор од десет години или потешка казна затвор, обвинетиот мора да има бранител во времето на доставувањето на обвинителниот акт;

– во текот на постапката за преговарање и спогодување со обвинителот за признавање на вината;

– обвинетиот на кој му се суди во отсуство мора да има бранител веднаш по донесеното решение за судење во отсуство.

Лицето кое е повикано во својство на сведок не треба да доаѓа со бранител.