ОДГОВОР НА ДОПИС ОД ЗДРУЖЕНИЕ НА НОВИНАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Почитувани,

Како одговор на Вашиот допис, Ве информираме дека во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите на 11.02.2019 година се одржа брифинг, а не прес-конференција, и тоа по барање на новинарите кои беа присутни на брифингот. Притоа нагласуваме дека тие новинари од самото отворање на истрагата Империја бараа да бидат брифирани за конкретниот предмет од прва рака. Тоа значи дека брифингот не е одржан на иницијатива на ова Јавно обвинителство ниту пак од наша страна на новинарите им беше сугерирано да објават или да не објават текстови или прилози поврзани со конкретната истрага. Со новинарите беа споделени оние информации кои во оваа фаза од истрагата можат да бидат споделени со јавноста.

Не станува збор за селективен избор на новинари и медиуми, како што немаше селективен избор на новинари ниту во изминатиот период кога во неколку наврати биле организирани брифинзи за новинари кои тоа го барале и на кои присутни биле и новинари од национални медиуми, од кои еден број во оваа прилика се јавија со реакција до нас. Нагласуваме дека дел од нив во изминатиот период имале можност да добијат и интервјуа од нашите обвинители или можности за пошироки прилози за потребите на вести или за емисии.

Ќе се согласите дека колку и да беше широк опфатот на медиуми дека повторно ќе имаше реакции, имајќи предвид колку е голем бројот на медиуми и особено бројот на интернет портали во земјата.

Конечно, брифингот е средство за информирање, за неговата содржина и опфат на медиуми одлучува организаторот на брифингот и по правило, се организира со потесен број на новинари и без камери и уреди за аудио снимање. Во спротивно, брифингот може да се претвори во прес-конференција, што пак, не е негова функција.

Во однос на прес – конференциите, ова Јавно обвинителство никогаш немало селективен пристап кон медиуми и новинари. Токму заради максимална транспарентност и одговорност кон јавноста, поканите за медиумите се секогаш објавувани навремено на нашата веб страница, како и преку социјалните медиуми на ова Јавно обвинителство. Нагласуваме дека на нашите прес – конференции новинарите имаат можност да постават прашања и за други теми од нивен интерес поврзани со нашата работа, а не само за темата на конференцијата за печат, за што сведок е јавноста бидејќи беа проследени и со пренос во живо.