ЗАВРШЕН ЗБОР ЗА ПРЕДМЕТОТ „ТИТАНИК 2“

Чесен Суде,

По речиси една година од почетокот на оваа главна расправа стигнавме до завршната етапа од истата завршните зборови.

Пред да започнам со правната аргументација би сакала да искажам благодарност до судот за начинот на кој што ја водеше постапката, за тоа што секогаш водеше сметка за еднаквоста на оружјето во постапката, со силни гаранции за правата на обвинетите.

Што се однесува до самата главна расправа, доколку фрлиме поглед наназад на текот на истата, неспорна е една работафактите од обвинението поднесено и застапувано од страна на Специјалното jавно oбвинителство, за кои што дополнително ќе образложам. Сѐ друго се сведуваше на т.н. дилаторна тактика на одбраната, тука несомнено најистакнат беше обвинетиот Бедредин Ибраими.

Погледнете ги записниците од досега одржаните расправи. Постојаните приговори без некоја суштинска аргументација на сопствените наводи, честите дофрлања и негодувања од страна, некогаш и од страна на застапниците на обвинението, што е за негативна критика, на моменти ја конвертираа оваа постапка во какафонија и се чинеше дека ќе трае до бесконечност. Сепак, и оваа главна расправа jа доживува својата кулминација, бидејки сме на чекор до првостепена пресуда.

Имајки ги предвид силата и карактерот на аргументацијата изнесена од наша страна како застапници на обвинението, нам како професионалци и на јавноста која што беше ревносно присутна и будно го следеше текот на целата расправа, потполно нѝ е јасно и со право можеме да очекуваме дека судот ќе донесе осудителна пресуда.

Ова не го говорам поради одредено себеакцентирање, туку затоа што во текот на доказната постапка несомнено уследи преобразба на наводите од обвинението во докажани факти кои што надвор од разумно сомневање укажуваат на вината на обвинетите во однос на делата кои што им се ставаат на товар.

Структурата на самото обвинение и доказите кои што претставуваат негова поткрепа е концизно до тој степен што, едноставно, еден доказ не само што потврдува определен факт, туку тој веќе докажен факт претставува Prima facie доказ за утврдување на наредниот факт, наведен во диспозитивот на обвинението.

Чесен суде, пред да започнам да ги анализирам доказите, ќе Ве потсетам на дел од воведниот говор. Во истиот говор наведов дека по изведувањето на сите докази кои што одат во поткрепа на обвинението, ќе се докаже надвор од разумно сомневање дека обвинетите со своите дејствија ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар. И денес сме сведоци на реализација на воведниот говор.

Тогаш посочив, а денес се докажаа фактите, како за умисленото влијание од страна на обвинетиот Сашо Мијалков, така и за умисленото поттикнување од страна на обвинетиот Мендух Тачи спрема обвинетиот Бедредин Ибраими за истиот да ја искористи својата службена положба и овластување и да гласа „ЗА” уважување на приговорите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за избор на градоначалник на Општина Струмица и со тоа да му се овозможи на кандидатот за градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ за Струмица противзаконито понатамошно учество во изборниот процес.

Се докажаа и фактите за противправното дејствување на членовите на ДИК, обвинетите Бедредин Ибраими, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска кои, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, свесни дека не е исполнет законски основ, сепак постапиле спротивно на член 151 став 1 алинеја 5 од Изборниот законик и го поништиле гласањето во избирачкото место 1727 во Општина Струмица, со што апсолутно ги пречекориле границите на своите службени овластувања.

Имајќи предвид дека обвинетите Бедредин Ибраими, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска потполно биле свесни дека не смееле да ги преземат овие дејствија, а сепак ги пречекориле границите на своите службени овластувања, истите направиле директна повреда на заштитеното правно добро со правната норма од членот 151 став 1 алинеја 5 од Изборниот законик.

Затоа, ова се дејствија од кривично – правен карактер отсликани во кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување и за кои Кривичниот законик предвидел соодветна кривична санкција.

Што се однесува до поништувањето на останатите две избирачки места 1730 и 1734, дејствијата на Ибраими, Сајковски, Срцев и Стефановска, исто така содржат доза на противправност, меѓутоа повредата на заштитеното добро е од управно правен карактер, затоа што не повредиле суштина на правна норма од Изборниот законик со која директно би го сториле кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување и би довело до кривична одговорност, како што сториле со поништувањето на ИМ 1727.

Поништувањето на трите избирачки места е всушност резултат на егзактна математичка пресметка на партијата ВМРО-ДПМНЕ за да има прегласување по првиот круг за градоначалник на општина Струмица.

Овој факт се потврдува и од разговорот dpl_38970401000_38975230919_20130329_002741_In воден на ден 29.03.2013 година во 00:27:41 часот помеѓу Никола Тодоров (повикувач) и Драган Павловиќ Латас (повикан) каде што на прашањето на ДПЛ „А колку водеше Заев“, Никола Тодоров одговара: „Абе, точно е, сѐ ми е пресметано, уживај“.

Сега ќе продолжам со анализа на доказите изведени на главната расправа.

Имено, од телефонскиот разговор означен како 38971218600_38971232752_20130328_234049_in , воден помеѓу обвинетите Сашо Мијалков (повикувач) и Мендух Тачи (повикан) на ден 28.03.2013 година во 23:40:49 часот со времетраење од 40 секунди, надвор од разумно сомневање се утврди дека обвинетиот Сашо Мијалков го искористил своето реално влијание и побарал од обвинетиот Мендух Тачи претседател на политичката партија ДПА да му наложи на претставникот во ДИК од ДПА обвинетиот Бедредин Ибраими да гласа за уважување на приговорите на ВМРО ДПМНЕ за Струмица со едно идно ветување дека истите ќе компензираат за приговорите на ДПА во Чаир.

Од телефонскиот разговор 38971218600_38970401417_20130328_234204_out , воден помеѓу обвинетите Мендух Тачи (повикувач) и Бедредин Ибраими (повикан) на ден 28.03.2013 година во 23:42:04 часот со времетраење од 29 секунди, надвор од разумно сомневање е утврдено дека обвинетиот Мендух Тачи, иако за такво нешто немал ниту законско право, ниту пак статутарно овластување како претседател на ДПА, сепак со умисла го поттикнал обвинетиот Бедредин Ибраими истиот, спротивно на сопствените убедувања, да гласа за уважување на приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за општина Струмица.

Од останатите телефонски разговори презентирани на главната расправа, во реплика на доказите на одбраната, може без никакво сомнение да се извлече заклучок дека целокупното партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ било запознаено со „пазарот“ помеѓу Сашо Мијалков и Мендух Тачи за уважување на сите приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Струмица, со противуслуга за Чаир, во корист на ДПА.

Овој факт несомнено може да се потврди и од разговорот dpl_38970401000_38975230919_20130329_002741_In , воден на ден 29.03.2013 година во 00:27:41 часот помеѓу Никола Тодоров (повикувач) и Драган Павловиќ Латас (повикан), каде што Никола Тодоров вели: „Има уште два приговори, има уште два приговори за да бидат, за да биде, за да биде комплетна сликава, ама нема сега, јасно е што е работата, сега јасно им е дека за Струмица ние и ДПА сме се договориле и дека и вториот приговор четири три ќе биде, исто не може да биде поинаку и третиот“.

Од истите разговори се утврдува начинот на кој се одлучувало во ДИК, конкретно дека воопшто не бил во функција Изборниот законик, туку партиските интереси и се надгласувало само врз основа на истите.

Членовите на ДИК всушност, не биле државни функционери кои треба да обезбедат законита верификација на легитимната волја на гласачите, туку се грижеле за реализација на партиските цели, макар и со флагрантно кршење на Изборниот законик и навлегување во кривично – правна зона, што е случај со избирачкото место 1727.

Од решението на ДИК, УП1 бр.11-403 од 28.03.2013 година, од Записникот од 36-та седница на ДИК, од тужбата на СДСМ до Управен суд УП1 11-403 од 31.03.2013 година, неспорно е утврдено дека не постоел основот за поништување на гласачкото место 1727 на начин на кој што било поништено, бидејќи во гласачката кутија немало повеќе гласачки ливчиња од лицата кои што гласале, нешто што и тоа како им било познато на обвинетите Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.

Од аудио презентацијата на Седница на ДИК 36 и 39, од вториот ден од седниците на ДИК, односно од 28 март 2013 година од 01:13:53 часот (на траењето на аудио снимката) до 02:011:16 часот (на траењето на аудио снимката) до ниво на ноторност (општо познат факт) е издигнато сознанието дека:

  • најпрвин се одлучувало за приговорот за избирачкото место 1727 и обвинетиот Бедредин Ибраими во текот на самата седница бил на мислење дека приговорот е неоснован поради фактот што во гласачката кутија немало повеќе ливчиња, сѐ до моментот кога телефонски бил повикан од обвинетиот Тачи;

  • во текот на самата седница во 23:42:04 часот обвинетиот Мендух Тачи го повикува обвинетиот Бедредин Ибраими, по што истиот гласа спротивно на своите убедувања, потполно свесен дека со неговото сторување ќе настапи противзаконито поништување на гласачкото место 1727, и по истата линија гласа за уважување на сите приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, без да расправа и без да навлегува во нивната основаност.

Од исказот на сведокот Виолета Дума дополнително е потврдено она што од материјалните докази беше утврдено надвор од разумно сомневање, конкретно дека обвинетиот Бедредин Ибраими, најпрвин дискутирал на линија дека гласањето во избирачкото место 1727 не треба да се поништи, поради фактот што Изборниот законик бил дециден.

Меѓутоа, во текот на седницата тој примил повик од „Шефот“, ја напуштил седницата, за кратко време се вратил, по што „магично“ го променил сопствениот став и гласал за уважување на приговорот на ВМРО ДПМНЕ со што се поништило гласањето во избирачкото место 1727.

Исто така е утврдено дека не постои несовпаѓање на бројот на избирачи кои што гласале и бројот на ливчиња кои што се изброени од страна на избирачкиот одбор, односно дека немало ниту ливче помалку, ниту ливче повеќе во кутијата од лицата што гласале па, аналогно на тоа, не постоеле основи да се поништи ова избирачко место.

На иста линија се и исказите на сведоците Борис Кондарко и Субхи Јакупи, само со многу помалку детали за самиот настан.

Инаку, одредбата од член 151 став 1 алинеја 5 од Изборниот законик предвидува поништување на гласачкото место „ако бројот на гласачките ливчиња во гласачката кутија е поголем од бројот на лица кои гласале“.

Видно од записникот и аудио материјалот од седницата на ДИК, ниту еден од обвинетите не констатирал таква состојба, состојба на повеќе ливчиња во кутијата, за да би можел да гласа за поништување, согласно Изборниот законик. Напротив, останатите членови на ДИК им укажале дека бројот е еднаков, што се гледа и од Записникот.

Оваа кратка ретроспектива на вербалните и материјалните докази, со кои што се докажуваат правно-релевантните факти, недвосмислено на еден конзистентен начин нѐ потсети дека всушност, целокупните наводи во диспозитивот на ова обвинение се докажани надвор од разумно сомневање.

Се разбира, бидејќи кривичната постапка е странкарска постапка во која што доказите се подеднакво во рацете на одбраната и на обвинението, во доказната постапка беа изведени и докази од страна на одбраната.

Морам да потенцирам дека во суштина, сведоците на одбраната нѝ ја „прераскажаа“ законската процедура при одлучувањето, начинот на кој се носат одлуките и протоколот при работата на ДИК, нешто што е апсолутно безначајно за оваа постапка.

Велам безначајно затоа што со нив не се оспори ниту еден факт утврден од доказите на обвинението, а исто така не се утврди нешто спротивно од наводите во диспозитивот на обвинението.

Во кривичната постапка постои начелото jura novit curia дека судот го познава правото, па оттука илузорно е некој на судот да му дава правна експликација за правните процедури или надлежноста на ДИК.

Оттука, сметам дека судот воопшто не треба им поклони верба на овие докази, односно не би требало да ги земе предвид како дел од фактичката состојба на пресудата затоа што, во суштина, тие не докажуваат ништо што ние не сме го знаеле или пак, не сме можеле самите да го дознаеме.

Што се однесува до самата правна квалификација и правните аспекти на ова обвинение, пред сѐ мислејќи на преземените дејствија од страна на обвинетите, на нив ќе се задржам малку подетално.

Најпрвин, ќе се осврнам на еден од наводите на колегата Адвокат Димитар Дангов во неговиот воведен говор. Колегата наведе дека во оваа постапка ќе докажел дека „кревањето на раката заради давање на глас не е одлука, тоа е само гласање“.

Каква банализација на нештата, воедно и на највозвишениот демократски инструмент (мнозинското одлучување).

Инструмент кој брутално бил злоупотребен и на штета на изборниот систем, и на штета на државниот буџет.

По таа правна логика и повлекувањето на чкрапец од пиштол од кое испалување потоа е убиен некој, не е чин на убиство, туку е телесно движење.

Или, можеби тоа треба да го толкуваме на друг начин, дека самото давање на глас од страна на неговиот клиент, обвинетиот Сашо Срцев, говори доволно за фактот дека гласовите на партиските претставници се однапред делегирани и депонирани во полза на сопствената партија, макар тоа било спротивно на законите, меѓу кои и Кривичниот законик и, истото е на штета на државниот буџет.

Се разбира дека ова претставува реторско обраќање од моја страна бидејќи од седницата на ДИК презентирана на оваа главна расправа и повеќе од јасно е како обвинетите го користеле своето право на глас.

Веројатно најголем осврт во овој завршен збор заслужува почетокот на криминалното неправо, односно дејствијата на обвинетиот Сашо Мијалков, без чие што детално објаснување не може да се добие целата слика за кривично – правниот настан кој што е предмет на ова обвинение.

Сашо Мијалков, во времето на извршување на кривичното дело бил Директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Видно од разговорите и од материјалните докази во предметот, во првиот круг за избор на Градоначалник на општина Струмица на локалните избори во 2013 година, по пребројувањето на гласовите, соодносот на гласовите кои ги добиле кандидатите за градоначалник на Струмица укажувал на фактот дека нема да има втор изборен круг, бидејки кандидатот на СДСМ и коалицијата би победил уште во првиот круг, па партијата ВМРО ДПМНЕ ги впрегнала сите логистички капацитети со кои што располагала и по направените математички пресметки несомнено утврдила потреба од прегласување на три избирачки места, меѓу кои и 1727 и поднесува формални приговори за три избирачки места.

Тогаш, со своето реално влијание и несомнена моќ во партијата, државата и општеството во целина, настапува обвинетиот Сашо Мијалков кој го искористил своето реално влијание спрема обвинетиот Мендух Тачи за истиот да го поттикне преставникот на ДПА во ДИК да гласа за уважување на приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за Струмица, а за сметка на тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе го подржи приговорот на ДПА за општина Чаир, односно како тоа би звучело со речникот на обвинетиот Мендух Тачи „ќе гласаш за да се поништи пошто сме договорени за Чаир, ајде“.

Со тоа дејствие на влијание и натамошното поттикнување од Мендух Тачи кон Бедредин Ибраими и конкретното гласање на обвинетите Бедредин Ибраими, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска по партиска наредба, противправно му било овозможено понатамошно учество во изборниот процес на Васил Пишев, за кого во тој момент изборниот процес бил завршен, имајќи ги предвид резултатите од гласањето во првиот круг.

Со дејствијата на обвинетите е нанесена и директна штета на буџетот на Република Македонија во износ од 26.011 денари, што произлегува од вештиот наод и мислење изготвен по наредба на судот од страна на вешто лице Величе Николовска.

Материјалната штета што е сторена на буџетот во наведениот износ е законско обележје на делото од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од КЗ и тој елемент е исполнет. Сепак, ова не е суштинскиот елемент. Суштината е нешто сосема друго. Со една реченица, се работи за кривично – правен атак врз изборниот систем, што е и уставна категорија.

Во случајов, за обвинетитиот Сашо Мијалков и неговата партија било единствено важно да има прегласување во општина Струмица, без разлика дали постоеле законските основи за поништување на избирачкото место.

Со оглед на тоа што конститутивен елемент на изборниот процес се гласовите на избирачите, произлегува дека изборниот процес завршил и во изборната трка победил кандидатот на СДСМ Зоран Заев, а постапката за утврдување на изборните резултати е само деклараторна потврда на конститутивната избирачка волја на граѓаните.

Со влијанието кое што го имал обвинетиот Сашо Мијалков во насока на противправно поништување на гласањето во трите избирачки места во општина Струмица, е донесено незаконито решение од конститутивен карактер со кое што настанала промена при правата и обврските кои што ги имаат кандидатите за во изборната трка за градоначалник на општина Струмица.

Ова на начин што настапила билатерална последица од кривичното дело од член 359 став 5 в.в став 4 од КЗ, поради тоа што истовремено на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ му било овозможено повторно да го стекне пасивното избирачко право и понатаму да учествува во изборната трка кое што право за него престанало поради фактот што изборната трка веќе завршила, а од друга страна пак, кандидатот на СДСМ Зоран Заев, го изгубил правото кое што согласно конститутивната волја на граѓаните го стекнал по гласањето во првиот изборен круг, со што настапила екстензија (развлекување) на изборниот процес каде што како последица на серија од незаконити дејствија на сите обвинети имало за последица имотна штета на буџетот на Република Македонија во износ од 26.011 денари.

Во конкретниот случај биле поништени трите избирачки места, затоа што биле доволни за да има прегласување во Струмица во првиот изборен круг и се разбира да се направи притисок кон гласачите за промена на гласачката волја, што несомнено се потврдува од преслушаните разговори.

Меѓутоа, обвинението како што и наведов, го опфаќа само 1727 затоа што таму е искристализирана умислата за сторување на кривичното дело, бидејќи со никакво толкување на одредбата од 151 став 1 алинеја 5 од Изборниот законик, не можело да доведе до поништување на тоа место и со тоа несомнено го сториле кривичното дело.

Со другите две избирачки места, народски кажано, „се снашле“ и не излегле од рамките на административна повреда која, иако е неправна одлука, сепак не претставува кривично – правно дејствие, за да се побара кривична одговорност и санкција.

Дејствијата на обвинетиот Сашо Мијалков, биле насочени единствено кон обезбедување на понатамошно учество на кандидатот Васил Пишев, без разлика на тоа колку избирачки места би требало да бидат поништени и дали за тоа имало или немало дозволен законски основ.

Следствено на тоа, во моментот на активното влијание врз обвинетиот Мендух Тачи присутен е алеаторен момент од аспект на висината на штетата која што би настапила за буџетот, бидејки истата не била опфатена во неговата умисла, туку последицата кон која што е ориентирана неговата умисла е единствено овозможување на понатамошно учество за кандидатот на неговата партија.

Изнесените наводи во овој завршен збор без сомнение овозможуваат да се согледа начинот на кој што се исполнети законските битија на кривичните дела кои што им се ставаат на товар на обвинетите Сашо Мијалков, Мендух Тачи и Бедредин Ибраими.

Велам, без сомнение, од причина што дури и без некој посериозен правнички напор може да се заклучи дека Сашо Мијалков како директор на УБК неспорно поседувал реално влијание, благодарение на неговата службена положба која што ја искористил за корист на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и влијаел кај обвинетиот Мендух Тачи како одговорно лице Претседател на Политичката партија ДПА во вршењето на функцијата спротивно на своите статутарни овластувања умислено да го поттикне обвинетиот Бедредин Ибраими да ја злоупотреби својата службена положба и овластување, што Бедредин Ибраими беспоговорно го прифатил и гласал за поништување на сите избирачки места, па така ги пречекорил своите службени овластувања на начин што преземајќи дејствие од кривично – правен карактер и заедно со останатите обвинети Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска, нанеле штета на буџетот на РМ и истовремено довеле до последицата кандидатот Васил Пишев кој што ги загубил изборите, противзаконито да му биде овозможено понатамошно учество, а истовремено кандидатот Зоран Заев да го загуби веќе стекнатото право да биде градоначалник на Општина Струмица по победата во првиот изборен круг.

На овој начин дејствијата на обвинетиот Сашо Мијалков се прва и последна точка од која што започнува и во која што се слева каузалниот тек на овој кривично – правен настан кој што е предмет на обвинението.

Што се однесува до обвинетите членови на ДИК, претставници на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, недвосмислено е јасно дека тие, застапувајќи ги партиските интереси и издигнувајки ги истите на пиедесталот пред законитоста, ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако биле потполно свесни дека со нивното сторување ќе настапи штетна последица по буџетот на РМ, сепак се согласиле со нејзиното настапување. На тој начин, со овие дејствија го исполниле битието на кривичното дело кое што им се става на товар.

Поткрепа на претходно наведеното претставува и пресудата УРП бр.524/13 од 01.04.2013 година на Управниот суд. Од самото образложение на пресудата на Управниот суд се заклучува дека избирачкото место 1727 не може да биде поништено, согласно членот на кој се повикал ДИК и затоа во одлуката не го потврдил решението на ДИК, врз основа на тој член.

Меѓутоа, имајќи ја предвид целокупната констелација на односи на моќ во општеството во тој момент, каде што и самиот Суд бил пасивен објект на влијание од извршната власт и политичкатa партија ВМРО-ДПМНЕ, истиот суд го потврдил решението на ДИК.

Имено, судот започнал со пребарување низ изборниот законик и навидум нашол друг основ по кој го потврдил поништувањето на гласачкото место, користејќи начелна формулација без конкретен основ кој е предвиден за поништување, согласно Изборниот Законик.

Судиите на Управниот суд ја искористиле сѐта правничка „вештина“ со која што располагале со цел да ја оправдаат незаконитата одлука на ДИК, со што и самите сториле повреда на законот, на начин што одлучиле и надвор од тужбеното барање, и надвор од основите на кои се темелел приговорот на ВМРО-ДПМНЕ, и истите креирале нов основ како би успеале да го потврдат решението на ДИК.

Веројатно од страна на одбраната акцентот ќе биде ставен на „фактот“ дека поништувањето и на избирачкото место 1727 и на избирачките места 1730 и 1734 го потврдил и Управниот суд во свои одлуки, што е неспорно. Нема многу да елаборирам, Чесен суде, за одлуките на Управниот суд и начинот на кој судиите кои одлучувале го формирале својот правен став.

Ќе наведам дека нивниот правен став е на линија на партијата на власт во тоа време, не би ме изненадило и денес на тој начин да го формираат својот правен став, само обратно, по линија на моќта, се разбира.

Да не испадне дека сама си влечам заклучоци, преслушајте ги, Чесен суде, разговорите од репликата и ќе видите дека апсолутно се сигурни дека после гласањето во ДИК ќе има прегласување.

Првата и најтешка брана им била ДИК. Ја срушиле со два телефонски повика, можеби и нешто друго, засега непознато, а судиите на Управниот суд веќе им се апсолвирани, тие мора да постапат во интерес на ВМРО-ДПМНЕ, во овој случај. Апсолутно не се оптоваруваат со нив, дури и не ги спомнуваат во разговорите, за нив тоа е само процедура која мора да помине со познат исход.

Впрочем не се за џабе и „тефтерчињата“ на поранешната министерка за внатрешни работи, работени со несебична помош од тогашниот Директор на УБК, сега обвинетиот Сашо Мијалков.

Не за џабе или дека не нѐ сакаат, и светските релевантни институции нѐ квалификуваа како заробена (партиска)држава. Впрочем, како што веќе и наведов, управните судии за избирачкото место 1727 се изнамачиле да го поправат колку што се може флагрантното и кривично-правното кршење на законот од страна на ДИК, дури и самите навлегоа во кривична одговорност, сами измислувајќи си основ за поништувањето да успее, меѓутоа судот одлучи дека за тоа судиите имале имунитет и се запре постапката.

Доколку пак, одбраната оди и во насока дека и членовите на ДИК имаат некаков имунитет, затоа што чув и такви наводи во текот на расправата, и тука нема многу да се расплинувам.

Таков имунитет не постои, никој не е над законот и Уставот. Тоа толкување е правно невозможно, затоа што по таа линија, тие со надгласување можат да ги укинат сите избирачки места во Република Македонија, доколку не им се поклопуваат со пресметките на партиите кои ги предложиле за членови или, доколку две партии се договорат и имаат мнозинство, како што е овде случај.

Последиците од такво толкување и постапување, доколку постои неказнивост, можат да бидат далекусежни, на линија и на граѓанска војна, а тие да се вадат на имунитет.

Ова не заслужува подлабока елаборација, истите немаат имунитет доколку носат свесни одлуки кои не се засновани на законот и кои прават незаконита промена во правните односи.

Во контекст на претходно наведеното, сметам дека дури и еден просечен правник може недвосмислено да заклучи дека обвинителството во текот на главната расправа, надвор од разумно сомневање, ја докажа вината на обвинетите и барам од Вас, Чесен суде, да донесете пресуда со која што обвинетите ќе ги огласите за виновни и ќе ги казните во согласност со законот имајќи ги предвид сите отежнувачки и олеснувачки околности.

Што се однесува до отежнувачките околностите кои што би влијаеле на висината на казната кај обвинетите Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска, треба посебно да се цени фактот што истите се избрани функционери кај кои што се бара повисок степен на внимание при постапувањето.

Обвинетите имаат завршено високо образование и имаат одлични познавања на Изборниот законик, што го зголемува степенот на кривичната одговорност од причина што истите ги злоупотребиле своите знаења и сепак, сториле кривично дело.

Побудите од кои што е сторено кривичното дело, заради овозможување партиска корист за ВМРО-ДПМНЕ, како и околностите под кои што е сторено делото и тоа, на дрзок начин, на јавна седница, пред очите на јавноста, што само говори за интензитетот и бескрупулозноста на загрозување на заштитеното правно добро, се исто така околности од отежнувачки карактер.

Кај обвинетиот Бедредин Ибраими како отежнувачка околност да се земе предвид и неговото однесување во текот на постапката пред овој суд. Истиот воопшто не изрази почитување ниту кон судот, ниту кон спротивната страна и воопшто, неговото однесување е надвор од правилата на такво однесување во суд, се разбира во негативен контекст.

Како олеснувачка околност треба да биде земена предвид нивната неосудуваност и фактот што во моментот не се водат други постапки. Кај обвинетите Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска судот, нивното однесување во постапката треба да го земе како олеснителна околнолт, имајќи предвид дека во целост го испочитуваа и судот и останатите учесници во постапката и ниту во еден момент не го нарушија дигнитетот и на постапката и на судот.

Што се однесува до обвинетиот Мендух Тачи, како отежнувачка околност треба да биде земен степенот на кривичната одговорност, односно директното умислено поттикнување како и околностите и амбиентот во кои што е сторено кривичното дело, во наелектризирана атмосфера, за време на локални избори.

Сепак треба да се акцентира неговото достоинствено однесување за време на постапката, со почитување на правилата во судницата и почитување и на судот и другите учесници во постапката, како и неговата поранешна неосудуваност и истите да се сметаат како олеснителни околности.

Кај обвинетитот Сашо Мијалков од важност за одмерување на казната се степенот на кривичната одговорност, користољубивите побуди од кои што е сторено делото во корист на сопствената партија, степенот на загрозување на заштитеното добро, како и фактот што против обвинетиот Сашо Мијалков се водат уште неколку кривични постапки. Исто и како кај обвинетиот Мендух Тачи и кај обвинетиот Сашо Мијалков како олеснувачка околност треба да се земе предвид достоинственото и културно однесување во текот на постапката, со почитување на правилата во судницата и почитување и на судот и другите учесници во постапката.

На самиот крај ќе одговорам на наводите од последниот приговор по однос на рокот за поднесување на обвинението, поднесен од обвинетиот Сашо Мијалков преку неговите бранители, а за цело време на расправата есплоатирано и од обвинетиот Бедредин Ибраими.

Фамозниот член 22 од Законот за СЈО, кој мислам дека започнале да го изучуваат децата и во претшколска возраст и кој со сета своја „тежина“ го крена на нозе Врховниот суд и го вклучи алармот на паника во истиот, е нешто што заслужува осврт од страна на СЈО, не заради некаква правна тежина, туку заради поднесениот приговор.

Најпрвин ќе наведам еден правен апсурд.

Врховниот суд зазел начелен правен став дека законодавецот кога ја обликувал одредбата на членот 22 од Законот за СЈО го мислел токму она што сега го мисли Врховниот суд.

Можеби врховните судии навистина имаат надземска моќ и имаат таква способност да ги препознаваат мислите на секој од нас, вклучително и на сите политички партии кои го гласаа законот и одредбата од членот 22, меѓутоа сѐ уште тоа научно не е поткрепено, ќе мора да се потрудат за тоа да го објаснат.

Нема да должам, она што некој мислел, рациото на одредбата и идејата на истата може да ја каже само оној што ја донел.

Без да има таков доказ за тоа како законодавецот ја толкува одредбата од член 22, Врховниот суд продуцира правен став, не заснован на право, и затоа тој став на Врховниот суд формално – правно се вика правен став, а суштински (материјално правно) е неправен став, што пак доведува до друга линија на одговорност на судиите кои го донеле неправниот став.

Можеби пак, ќе го извадат имунитетот од подрумот на Врховен, ќе видиме.

Во тој став, ќе го користам само тој збор, го употребуваат и терминот овластен тужител. Не знам дали во градењето на тој став во Врховен суд учествувале и судии од Кривичниот оддел, се надевам не, затоа што работата е за жалење, ако е така.

Законите по кои постапуваат судиите кои судат кривични предмети како овластен тужител го познаваат само Јавниот обвинител и приватниот тужител.

За сите кривични дела овластен тужител е јавниот обвинител, освен за оние кривични дела каде изрично е наведено дека тужител е приватниот тужител.

За потсетување, Сецијалниот јавен обвинител и јавните обвинители кои му помагаат, не доаѓаат од Фудбалската федерација на Македонија, туку се јавни обвинители и СЈО е јавно обвинителство.

Врховниот суд во некаква заблуда, треба да се види, правна или стварна, или пак со директна умисла, ги поистоветил термините овластен тужител со надлежен обвинител, што се сосема различни поими со различни правни последици.

Тој став за овластениот тужител можеле да го донесат само ако истрагите ги водела да речеме, Државната комисија за спречување на корупцијата. Тој орган не е овластен тужител за да води предистражни и истражни постапки и да поднесува обвиненија. Антикорупциска може само да иницира постапка до јавното обвинителство.

Конечно, за наведениот приговор нема што многу да се спомне, освен дека предметот од Основното јавно обвинителство е преземен на 4 декември и тоа е едниот услов, а материјалите од прислушкуваните разговори кои се презентираа на главната расправа се преземени на 30 декември 2015 година.

По одредбата од членот 22 краен рок за поднесување на обвинение е 30.06.2017 година, кој е запазен.