ПРЕЗЕНТИРАН ВТОРИОТ ПРЕОДЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА АКТИВНОСТИТЕ И ПРЕДМЕТИТЕ ВО НАДЛЕЖНОСТ НА СПЕЦИЈАЛНОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева денес учествуваше на презентацијата на Вториот преоден Извештај за активностите и предметите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство, изготвен од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во рамки на проектот за мониторинг на случаите кои се во надлежност на Специјалното јавно обвинителство,  финансиран од страна на Кралството Холандија и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите во САД. Во периодот што го опфаќа овој Втор извештај на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, акцентот е ставен на предметите за кои се отворени и одобрени обвиненија и кои се наоѓаат во судски постапки.

Во своето излагање, Специјалниот јавен обвинител ѝ се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за посветеноста и поддршката во следењето на случаите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство и нагласи дека Вториот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство дава преглед на текот на судските процеси за случаите кои потпаѓаат под надлежност на Специјалното јавно обвинителство, повторно покажувајќи ја посветеностa и упорноста на Специјалното јавно обвинителство за изнесување на значителен број докази кои ги докажуваат поднесените обвиненија, како и подготвеноста за подобрување на стандардите за правично судење, насочени кон справување со неказнивоста, промовирање поголема отчетност и почитување на владеењето на правото во Република Северна Македонија.