ОТВОРЕНИ ТРИ НОВИ ИСТРАГИ

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

Првата истрага која ја презентирамe се води под името „Попис“.

Истата се води против две лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека во месец октомври 2011 година во Скопје осомничените, искористувајќи ги своите овластувања како одговорни лица – претседатели на политички партии, свесни дека поради нивните дејствија ќе настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување, ја злоупотребиле функцијата и нанеле значителна штета на буџетот на Република Македонија во износ од 175.123.909,00 денари.

Имено, постои основано сомнение дека со цел, како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во Република Македонија, што резултирало со огромното иселување од Република Македонија на работоспособното население, осомничените помеѓу 10.10 и 11.10.2011 година се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.

Воедно, со цел да избегнат одговорност за која од разговорите произлегува дека се свесни дека постои, се договориле причините за стопирање на пописот преку средствата за јавно информирање и преку партиските соопштенија да ги презентираат како проблеми од техничка природа и од некадарноста на државната пописна комисија и Заводот за статистика, иако уште со донесувањето на Законот за попис и законските решенија во истиот се овозможува различно толкување на Законот и неизвесност за законито негово спроведување, што го нотира Еуростат во својот извештај.

После договорот на осомничените, со образложение дека со отпочнување на примената на законот се појавиле недоследности и недоречености во примената на одредби од законот како резултат на недоволен временски период за подготовка и обучување на учесниците во спроведување на пописот, а посебно на реонските инструктори и реонските попишувачи и, имајќи ги предвид утврдените законски рокови за спроведување на пописот во Република Македонија во 2011 година, како и фактот дека целта на законот е да обезбеди квалитетно спроведување на планираниот попис, Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија предложила да престане да важи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година, па посредно преку парламентарните групи како гласачка структура на политиката на лидерите на овие две партии на ден 15.10.2011 година бил изгласан закон со кој престанува да важи операцијата на попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.

Меѓутоа, ако се видат причините поради кои е предложено да престане да важи Законот за попис, ќе се забележи дека тоа се причини истиот да се одложи со закон, па да се подобрат законските решенија според стандардите кои ги бара Еуростат, да се обучат попишувачите и останатите учесници и да се спроведе операцијата на попис, согласно меѓународните стандарди.

На тој начин, потрошените парични средства за спроведувањето на пописот до моментот на одложувањето, кои се искористени за дотогашните обуки, техничка опрема и материјали нема да преставуваат штета и истите би се искористиле во одложената пописна операција.

Сепак, причината за договорот за престанок на пописот, не била во наведеното од Владата, што е видно дека лесно се исправа, доколку има волја за тоа, туку едноставно осомничените сфатиле дека со законита пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на владејчките ДУИ и ВМРО ДПМНЕ и со тоа на нив самите како лидери на овие партии, па водејќи се пред сѐ од лични интереси, интереси да ја задржат моќта во општеството, одлучиле дотогаш потрошените парични средства да ги фрлат во вода, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија во значителен износ од 175.123.909,00 денари.

 

-Втората истрага – „Моќник“, се отвара поради основано сомнение дека под влијание на, во тој период исклучително моќен пратеник во Република Македонија, багателно се распродава имотот на државата и општински имот на негови блиски луѓе, употребувајќи измамнички дејствија спрема советниците на општината.

Наведеното, продолжило со преземање понатамошни криминални дејствија од осомничениот пратеник и негови извршители – послушници во еден државен орган, за да се одмазди на луѓето за кои смета дека му се мешаат во неговите интереси и интересите на неговото поблиско семејство, со што постои основано сомнение дека се извршени кривични дела Измама од член 247 од КЗ и Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Истата се води против 13 лица.

Имено, постои основано сомнение дека во текот на 2011 година второроосомничениот – татко на првоосомничениот – пратеник во Собранието на РМ и третоосомничениот – тогашен градоначалник на општината Македонски Брод, поттикнати со умисла од првоосомничениот – пратеник, за неговиот татко да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод и со лажно прикажување и со прикривање на факти ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на зградата на „Задружниот дом“, со дворно место во с.Ижишта, општина Македонски Брод.

Благодарение на ваквата одлука на Советот, кој гласал во апсолутна заблуда за предметот на продажба и правниот статус на истиот, по спроведената противправна постапка за продажба и по продажбата на имотот од страна на осомничениот градоначалник на второосомничениот, нанесена е значителна штета на имотот на Република Македонија во вредност од 1.795.800,00 денари, а за продажбата на земјиштето нанесена е значителна штета на општината Македонски Брод во вредност од 1.176.000,00 денари или, вкупно нанеле значителна штета од 2.971.800,00 денари или, околу 50.000 евра.

Имено, на ден 27.10.2011 година второосомничениот писмено се обратил до Советот на општина Македонски Брод со барање Советот да донесе одлука за продажба на задружниот дом во с.Ижиште и лажно во барањето прикажал (навел) дека истиот веќе го користи тој простор, сопственост на Општината и сака да отвори сопствен бизнис.

Веднаш следниот ден била закажана седницата на Советот на која се разглеедувало ваквото барање и градоначалникот на Општината лажно презентирал дека се работи за објект кој на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот Совет и има договор за тоа, па за да може да се направи вложување во објектот третоосомничениот побарал од Советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на второосомничениот преку јавна лицитација.

Ова го презел и покрај фактот што и тој, и останатите осомничени, знаеле дека всушност предмет на продажба не бил објект кој го користи второсомничениот, туку зградата во која била сместена администрацијата и градоначалникот на општина Пласница и две месни канцеларии на Управата за водење на матични книги, кој објект, патем, не бил ниту впишан во сопственост на општина Македонски Брод, туку сопственичкото право било запишано на име на Република Македонија.

После ова советниците едногласно донеле одлука за продажба, иако според нивните искази прибрани во текот на оваа постапка, истите воопшто не знаеле дека со ваквата одлука всушност одобруваат продажба на општинската зграда во која била сместена општина Пласница.

Потоа, според доказите, постои основано сомнение дека градоначалникот, поттикнат од првоосомничениот пратеник, намерно не ги извршил своите службени должности кои бил должен да ги изврши и не го објавил огласот за продажба во Службен весник, со што ја ограничил конкуренцијата за јавното наддавање, па како наддавач се пријавил само второосомничениот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на Република Македонија за цена од 1.795.800,00 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето, парите ги уплатил на сметка на општина Македонски Брод, за што со третоосомничениот склучиле договор за купопродажба, заверен на нотар што е директна штета на Република Македонија како сопственик на објектот, а подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како техничка исправка, иако немал основа за такво впишување.

Воедно со анекс го купил и земјиштето по цена од 100 денари по м2, во постапка без јавно наддавање, иако со актите на општината – ценовник, според кој од одделението за оданочување се вршело утврдување на пазарна вредност на градежно земјиште за тој регион била предвидена цена од 400 ден по м2, со што второосомничениот платил 300 денари помалку од пазарната по метар квадратен и заедно, второ и третоосомничениот, нанеле значителна штета на општина Македонски Брод во износ од 1.176.000,00 денари.

Откако градоначалникот на општина Пласница дознал дека објектот во кој е сместена администрацијата на општина Пласница и неговиот кабинет е продаден на второосомничениот телефонски контактирал со неговиот син -првоосомничениот и побарал истиот да влијае да се ревидира „таа работа“, а побарал и од Владата на Република Македонија да ја испита продажбата.

По ова, од страна на Владата е оформена комисија, која по спроведената постапка утврдила незаконитост на наведената продажба од повеќе аспекти и го задолжила градоначалникот со тужба да бара поништување на овие правни работи, меѓутоа истиот не постапил по ваквото задолжение.

Сепак, ваквата постапка на градоначалникот на општина Пласница кај првоосомничениот предизвикала гнев и чуство дека треба да ја користи својата политичка моќ за да му се одмазди на Исмаил за неговите интервенции во врска со продажбата, па првоосомничениот користејќи ја својата реална моќ надвор од своите овластувања во име на претседател на Комисијата за надворешна политика, подесувал барања за секаков вид на испекциски и полициски контроли врз правното лице „Пуцко петрол“.

Воедно, сметајќи дека еден судија од Основен суд Кичево е близок на градоначалникот на Пласница и го штити, постои основано сомнение дека организирал и го потикнал претседателот на Комисијата за лустрација, четвртоосомничениот да изврши незаконита лустрација над судијата за да му престане функцијата на судија.

Истото е прифатено од страна на четвртоосомничениот и заедно со останатите членови на Комисијата за утврдување на фактите, како службени лица постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација, предвидени во чл.4 и чл.18 од Законот за определување на услов за ограничување на вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, донеле нарачана одлука за лустрација на оштетениот Драги Билески.

Како резултат на оваа одлука, со одлука на Судскиот совет на Република Македонија, оштетениот Драги Билески, најпрвин бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија на Основен суд Кичево, а потоа, со одлука на истиот орган, е утврден и престанок на вршење на судиската функција на оштетениот, со што потешко му ги повредиле неговите права.

 

-Третата истрага – „Актор“ се отвора поради основано сомнение дека е сторено кривично дело при постапката за јавна набавка за избор на најповолен понудувач за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица. Дополнително, оваа истрага се отвара и поради основано сомнение за перење на пари кои фирмата добитник на тендерот ги добила со злоупотребата во постапката на јавна набавка.

Имено, постои основано сомнение дека во 2012 година, во периодот кога се разгледувале и оценувале понудите на тендерот за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица, првоосомничениот, како претседател на Владата, со цел во постапка на јавна набавка за избор на понудувач кој ќе го гради автопатот Демир Капија – Смоквица да не биде избран понудувач од Република Италија, кое правно лице според првоосомничениот во Република Македонија го претставува „комуњар“, и кое нешто воопшто не му се допаѓа, и повеќе му се „допаѓаат оние од југ“, искористувајќи го своето влијание, со умисла извршил поттикнување врз второосомничениот како министер за транспорт, кој го прифатил налогот и истиот ги поттикнал осомничените службени лица од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија да ги искористат своите службени овластувања како членови на евалуационата комисија (комисијата за оценување на понудите) со право на глас одговорни за спроведување на евалуација и оцена на доставените понуди за проектот „Изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица“ како дел од Пан-европскиот коридор X, и во изборот за најповолен понудувач да го фаворизираат правното лице „Актор “ од Грција.

Ова, според доказите и било реализирано, со што му овозможиле на правното лице „Актор СА“ да прибави противправна значителна имотна корист во износ од 480.412.974,00 денари.

Конкретно, постои основано сомнение дека во текот на постапката за спроведување на евалуација и оценка на доставените понуди, после отварањето на понудите, првоосомничениот остварил телефонска комуникација со второосомничениот и откако второосомничениот му кажал дека Италијаните се најевтини, побарал да се најде начин тендерот за автопатот да не го добијат Италијаните поради „лошата комбинација што комуњарот е во игра“, па второосомничениот како министер за транспорт и врски ги повикал во својот кабинет осомничените членови на евалуационата комисија со цел да го фаворизираат понудувачот „Актор СА“ Грција.

Истите, иако биле свесни дека понудувачот „АКТОР СА“ согласно доставената тендерска документација и според член 16 од Огласот за доделување на договор за јавна набавка не го задоволува критериумот и условот понудувачот да има еден завршен проект од 250 милиони евра во патниот сектор или еден проект кој што е во тек на реализација, а чија реализација заклучно до 31.12.2011 година е 60 процентно завршена и кој што износот од реализираното 60 отсто треба да не биде помал од 250 милиони евра, а поради кој услов и ја отфрлиле поефтината понуда на „Тото“ од Република Италија, се согласиле со барањето на второосомничениот, по што го злоупотребиле институтот на мнозинско одлучување и дале три позитивни мислења во табелите за евалуација и искористувајќи ја својата службена положба и овластување ја избрале понудата од правното лице „АКТОР“ со понудена цена од 210.148.177,23 евра, како економски најповолна понуда за проектот „Изградба на нова автопатска делница Демир Капија-Смоквица“ иако знаеле дека истото правно лице не ги задоволува техничките критериуми, со што му овозможиле на правното лице Актор СА да прибави значителна имотна корист во износ од 480.412.974,00 денари.

Меѓутоа, ова е само почетокот на криминалните дејствија за кои постои основано сомнение дека се извршени, односно кривичното право го познава како предикатно дело на делото перење пари, односно ова е само претходното дело од кое противправната имотна корист е предмет на понатамошната истрага за перење пари, која сега ќе ви ја презентирам.

Имено, постои основано сомнение дека во период од 2012 до 2016 година со повеќе дејствија, со искористување на ист траен однос и исти прилики, непосредно по добивањето на тендерот и започнувањето со градежните активности во Република Македонија, кои што ги презема „Актор“ АДТ Подружница Скопје, формирана од осомниченото правно лице „АКТОР СА“ Република Грција, со намера да ја сокрие целокупната добивка на осомниченото правно лице, која има третман на принос од казниво дело бидејќи паричните средства потекнуваат од незаконито добиениот тендер со кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, шестоосомничениот како одговорно лице на подружницата формирал група која се занимава со перење на пари и пуштање во промет пари кои се прибавени со казниво дело.

За таа цел ги поврзал во заедничко делување останатите пет осомничени, па сите дејствувајќи заедно како членови на група што се занимава со перење на пари од лични – лукративни побуди, со цел на прикривање на трагата на парите кои што се исплаќани на сметките на „Актор“ АДТ Подружница Скопје од незаконски добиениот тендер за изградба на автопат од Коридор Х и создавање на готовински пари, пуштиле во промет пари за кои што знаеле дека потекнуваат од казниво дело„Злоупотреба на службена положба и овластување“,.

Ова на начин што, шестоосомничениот како одговорно лице управител на подружницата на Актор АДТ Скопје, договорил трајна деловна соработка во вид на договор за вршење на подизведувачки работи со останатите осомничени одговорни лица како преставници на осомничените правни лица ГЛОБАЛ КОНСТРАКШН КОМПАНИ, ТОПОМЕТРИЈА ДООЕЛ СКОПЈЕ и ИНВИКТА БОРО ДООЕЛ Скопје, со единствена цел на пренос на парични средства од Актор АДТ Подружница Скопје кон правните лица Глобал Констракшн ДООЕЛ Скопје, Топометрија ДООЕЛ Скопје и ИНВИКТА БОРО ДООЕЛ Скопје.

Па така, во повеќе наврати се исплатени износи од сметките на Актор АДТ Подружница Скопје кон сметките на правните лица Глобал Констракшн Компани, Топометрија и Инвикта во вкупен износ од 31.856.811 евра.

Потоа, три осомничени лица искористувајки ги вработените лица во сопствените компании и искористувајки ја трајната основа на работниот однос на вработените развиле систем на паралелно ангажирање преку фиктивни договори за вршење на услуги и тоа, на вработени од Топометрија Дооел во правното лице Глобал Констракшн компани, и на вработените од Глобал Констракшн Компани во правното лице Топометрија, притоа договарајки нереално висок надоместок за услугата на вработените спрема реалната цена на трудот во дадениот временски период и која што веќе им била исплатувана од страна на правното лице во кое што истите веќе биле редовно вработени. За илустрација, еден работник без некои посебни квалификации, добивал и по 6 до 7000 евра месечи примања, а поквалификувани вработени и двојно повеќе.

Постои основано сомнение дека на тој начин, во повеќе наврати на десет редовно вработени лица во правното лице Глобал Констракшн компани од страна на правното лице Топометрија ДООЕЛ е исплатен износ од 699.000,00 евра во денарска противвредност, а од сметките на правното лице Глобал Констракшн Компани во повеќе наврати на десет редовно вработени лица во правното лице Топометрија ДООЕЛ Скопје е исплатен износ од 1.173 000,00 евра во денарска противвредност, кои што пари веднаш по самата исплата по претходна најава до филијалата во Неготино за обезбедување на доволно количество ефективни странски валути, биле конвертирани во странска валута – евра и во ист момент подигнати во готовина од страна на вработените, кои што готовински пари биле предавани на една од осомничените, која што понатаму ја прикрива локацијата на готовинските пари.

Во меѓувреме, во истиот временски период, од сметките на АКТОР АДТ Подружница Скопје кон сметките на Инвикта ДООЕЛ Скопје, искористувајки ист траен однос – договор за вршење на подизведувачки работи, биле исплатени пари во вкупен износ од 181.736.436,00 денари, околу 3 милиони евра, од кои што 35.777,951,00 денари околу 580.000 евра, веднаш по приливот во готовина му биле исплатени на осомничениот В С – основачот на правното лице – Инвикта Скопје по основ на дивиденда, по што се прикрива понатамошната локација и движењето на парите.

– со дејствијата опишани како предикатно дело прво и второсомничениот сториле по едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со ст.1 и в.в. со член 23 од КЗ, а останатите осомничени едно кривично делоб – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со ст.1 и в.в. со член 22 од КЗ

-со дејствијата опишани во вториот дел на истрагата осомничените сториле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од 273 став 5 в.в. став 3 в.в. став 1 в.в. член 22 в.в. член 45 од КЗ.