ЗАВРШЕН ЗБОР ЗА ПРЕДМЕТОТ „ТРЕВНИК“

Почитувани Судија и  членови на Советот,

Во оваа постапка Драган Павловиќ Латас, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ, се обвинети за кривичното дело Бесправно градење од член 244-а ст.1 од КЗ затоа што во временскиот период од месец јули 2011 година до 24.01.2013 година во Општина Зелениково, спротивно на член 56 став 1 од Законот за градење, граделе без одобренија за градење издадени од надлежен орган. Согласно член 56 став 1 од Законот за градење,  изведувањето на градби може да започне со издавање на одобрение за градење, а градбите и деловите од градбите изградени без одобрение за градење се бесправни градби. Оваа законска одредба  ги обврзувала обвинетите, пред да започнат со градење  на куќите во Зелениково, да имаат одобренија за градење на истите. Од доказите на обвинението произлегува дека обвинетите  Драган и Срѓан Павловиќ градбата на објектите за домување  ја започнале во текот на месец јули 2011 година, а обвинетиот Звездан Павловиќ  во текот на месец ноември 2011 година па,  откако започнале со бесправната  градба,  на ден 12.12.2012 година до општина Зелениково поднеле барања  за издавање одобренија за градење за изградба на викенд куќи, со прикривање на фактот дека градбата на објектите е веќе започната, по  што од страна на општината се издадени три одобренија за градење од 24.01.2013 година.

Обвинетиот Драган Павловиќ Латас со правното лице Диз Оил Групација Скопје, како изведувач, во текот на месеците мај и јуни 2011 година склучил три договори за изведување на градежно занатски работи на објект во Зелениково.

Договорот  од  19.05.2011 година, според понудата  која е негов составен дел, се однесува за набавка и монтажа на павер елементи за ограден ѕид и пристапен пат, во вредност од 1.414.500,00 денари.

Договорот  од  06.06.2011 година, според понудата како составен дел,  се однесува на рамнење на терен, ископи на земја за темели на потпорни ѕидови, за базен и стаклена градина, вградување на бетон и слично, сѐ во вредност од 1.860.000,00 денари.

Договор бр.176/11 од 22.06.2011 година, според понудата бр.2012/30 која е негов составен дел, се однесува на изградба на индивидуален станбен објект – карабина – со бруто површина од 350 м2. Изведувачот се обврзал да започне со изведување на работите веднаш по склучувањето на договорот и воведување во работа и да ги заврши во рок од 90 работни дена.   Вредноста на работите, според договорот е 3.013.500,00 денари, а во членот 7 е предвидено дека ќе се исплатат 861.000,00 денари како аванс, 920.000,00 денари со започнување на градежните активности, а остатокот со текот на градење.

Во овој дел, покрај на договорот од 22.06.2011 година, се осврнав и на договорите од 19.05.2011 година и 06.06.2011 година со цел да се види кои градежни работи се изведувале на имотот на обвинетите во Зелениково, кога се изведувани, колкава е нивната вредност и кога е платено за истите. Ова е значајно бидејќи одбраната во текот на главната расправа се  обидуваше целокупните градежни активности да ги прикаже како предходни и подготвителни работи, како и градби за кои не е потребно одобрение за градење.  Ова   е далеку од вистинската состојба на работите и од она што произлегува од изведените докази.

Од страна на изведувачот на градежните работи, Диз Оил Групација, во периодот од 19.05.2011 година до 12.09.2012 година, издадени се 5 фактури за Драган Павловиќ Латас во вкупна вредност од 12.015.661,00 денари.

Прва е фактурата бр.10/011 од 19.05.2011 година на износ од 1.414.500,00 денари, која по описот на работите и вредноста соодветствува со договорот од 19.05.2011 година. Фактурата со број 11/011 од 01.06.2011 година на износ од 1.860.000,00 денари, по описот на работите и по вредноста одговара на договорот од 06.06.2011 година.

Следната фактура со број 12/011 од 01.06.2011 година на вредност од 6.237.083,00 денари по описот на работите се однесува на изградба на индивидуален станбен објект до фаза карабина. Фактурата со  број 24/12 од 10.09.2012 година на износ од 2.133.558,00 денари се однесува на изградба на индивидуална станбена куќа во Зелениково до фаза карабина, додека пак фактурата бр.25/12 од 12.09.2012 година на износ од 370.520,00 денари се однесува на вградување на павер елементи.

Сведокот Злате Анастасов, кој бил управител на изведувачот Диз Оил Групација,  при директното испитување кажа дека за градбата на трите куќи како и за сите останати градежни работи на имотот на обвинетите во Зелениково, во финансискиот дел, преговарал исклучиво со Драган Павловиќ Латас од чија сметка се вршеле и плаќањата кон сметката на изведувачот. Од ова, јасно е зошто само Драган Павловиќ Латас  е евидентиран како должник во книговодствената евиденција на изведувачот Диз Оил Групација за сите работи во врска со градбите во Зелениково, иако секој од обвинетите бил инвеститор на по една куќа.

Според Извештајот и анализата на извршени трансакции, Драган Павловиќ Латас на 19.05.2011 година од неговата сметка платил на сметката на Диз Оил Групација  1.288.500,00 денари, а на 27.05.2011 уште 123.035,00 денари, или вкупно  1.411.535,00 денари, односно  приближно на вредноста на договорот склучен на 19.05.2011 година.

На плаќањето од 27.05.2011 година се однесува разговорот означен како  38970401000_38978390306_20110527_154032, остварен истиот ден помеѓу Драган Павловиќ Латас и Злате Анастасов, во кој Драган Павловиќ  му соопштува на соговорникот дека му се платени 2.000 евра и дека со тоа  му се измирени дотогашните обврски.

Во разговорот остварен на 06.06.2011 година, означен како 38970401000_38978390306_20110606_131954, Драган Павловиќ и Злате Анастасов разговараат за склучување на нов договор, но и за плаќање на пола од износот уште истиот ден. Па така истиот ден, на 06.06.2011 година  го склучуваат договорот во вредност од 1.860.000,00 денари и истиот ден Драган Павловиќ Латас плаќа на изведувачот 920.400,00 денари, односно  половина од вредноста на договорот.

Во три разговори остварени на 15.06.2011 година, означени како:  38970401000_38978390306_20110615_170617, 38970401000_38978390306_20110615_242401 и 38970401000_38978390306_20110615_245405, истите соговорници зборуваат  за плаќање на уште петнаесет илјади со што е готов договорот број 2, а се договара и склучување на следен договор. Истиот ден, на 15.06.2011 година Драган Павловиќ  плаќа од неговата сметка 920.285,00 денари на сметката на Диз Оил Групација. Вкупниот износ  на  плаќањата од 06.06.2011 година и од 15.06.2011 година изнесува 1.840.645 денари  што е приближно на  вредноста на договорот од 06.06.2011 година.

И во други разговори помеѓу обвинетиот Драган Павловиќ Латас и Злате Анастасов, кои ги слушнавме во текот на постапката, се разговара за плаќањата од сметката на обвинетиот кон сметката на изведувачот Диз Оил Групација. Од извршената анализа на плаќањата и трансакциите произлегува дека секогаш  постои совпаѓање  на времето кога се остварени овие телефонските разговори со датумите кога е извршено плаќањето и со износите на паричните средства кои се платени на сметката на изведувачот, така што воопшто нема основа за приговорите на одбраната во поглед на содржината и времето на телефонските разговори.

Инаку, во периодот  од 23.06.2011 година заклучно со 11.12.2012 година, Драган Павловиќ Латас платил од неговата сметка кон сметката на Диз Оил Групација вкупно 8.776.775,00 денари, што заедно со плаќањата по договорите од 19.05.2011 и од 06.06.2011 година изнесува 12.018.995,00 денари или колку што е вкупниот износ на фактурите издадени од Диз Оил Групација за градежните работи на објектите на фамилијата Павловиќ во Зелениково.

По 11.12.2012 година нема плаќања, ниту пак нови обврски  кон изведувачот Диз Оил Групација, што се  потврдува и од прибавената книговодствена  документација на ова правно лице. Доколку обвинетите  навистина започнале со градење на куќите после издавањето на одобренијата, односно по 24.01.2013 година, се поставува прашањето, зошто до 11.12.2012 година била  исплатена целокупната вредност на градежните работи кон изведувачот на градбите според издадените фактури. И уште повеќе, која била сигурноста на обвинетите дека навистина ќе добијат одобренија за градење, па да се започне со плаќање за градба на куќите уште во јуни 2011 година, во време кога за таа локација  не биле донесени ниту локалната урбанистичка планска документација, ниту пак постоел архитектонско-урбанистички проект? Да напоменам дека според изводот од урбанистичкиот план, локалната урбанистичка планска документација е донесена со одлука на Советот на општина Зелениково на 05.12.2011 година.  Архитектонско-урбанистичкиот проект е изработен во октомври 2012 година, а е одобрен со Решение на Градоначалникот на општина Зелениково од 20.11.2012 година.

Очигледно е дека обвинетите започнале со градба на куќите многу порано пред да ги имаат одобренијата за градење и работите за градба на истите изведувачот Диз Оил Групација  ги имал завршено во најголем дел уште во декември 2012 година.

Договарањето на градбата на трите куќи помеѓу обвинетите и Злате Анастасов се случило во месеците  мај  и јуни 2011 година, што произлегува и од неколку разговори остварени во овој период.

Така, во разговорот означен како 38970401000_38978390306_20110531_150935 остварен на 31.05.2011 година Драган Павловиќ Латас го прашува соговорникот  Злате Анастасов дали може дел од плаќањата за градба на куќите да се направи со компензација на земјиште во површина од околу  5.000 м2 во Побожје, во сопственост на Драган и Срѓан Павловиќ.  

Потоа истиот ден, значи на 31.05.2011 година, на истата тема Драган Павловиќ Латас разговара со Срѓан Павловиќ и во разговорот означен како 38970401000_38975217121_20110531_214016  го прашува дали е  согласен земјиштето  во Побожје да го компензираат за плаќање на градежните работи на нивните куќи и   му кажува дека зборувал со Злате да даде понуда за трите  куќи, на што Срѓан се согласува.

Веќе во следниот разговор со Срѓан Павловиќ, означен како 38970401000_38975217121_20110611_151415 и остварен на 11.06.2011 година, обвинетиот Драган Павловиќ му кажува дека е договорено за продажбата на  земјиштето во Побожје и му ја кажува  пресметката за планираните  градби на куќите.

На 13.06.2011 година во телефонскиот разговор, означен како 38970401000_38978390306_20110613_241257, Драган Павловиќ Латас и Злате Анастасов се договараат да направат  два купопродажни договори за земјиштето во Побожје, еден со Драган, а другиот со Срѓан и ги наведуваат цените и износите кои треба да стојат во договорите.

Како резултат на ваквото договарање склучени се два договорa за продажба заверени кај нотар Сашо Клисаровски под ОДУ бр.325/11 и ОДУ бр.326/11 од 20.06.2011 година, со кои обвинетите Драган и Срѓан Павловиќ му продале на Злате Анастасов земјиште во Побожје во вкупна површина од 5.000 м2.

Анализата на овие два договорa покажува дека она што е договорено во разговорите кои ги наведов, е целосно преточено во содржината на договорите. Оттука, целосно е неосновано приговарањето на одбраната на доказната вредност на аудио-фајловите, односно на снимките од телефонските разговори кои се доказ во оваа постапка.

Во три телефонски разговори остварени на 22.06.2011 година, соговорниците  Драган Павловиќ Латас и  Злате Анастасов, разговараат за одредени елементи на договорот кој го склучуваат на тој датум.

Во првиот разговор, означен како 38970401000_38978390306_20110622_112336, Злате Анастасов му кажува на Драган Павловиќ Латас  дека договорите се готови,  во вториот разговор, означен како 38970401000_38978390306_20110622_170039, Драган Павловиќ Латас има забелешка дека фали само една реченица, односно дека со потпишување на договорот се потврдува прием на авансот, па истото ќе го допише  рачно, а во третиот разговор, означен како 38970401000_38978390306_20110622_170224, обвинетиот има забелешка дека во понудата не пишува дека е 140 евра метар квадратен бруто изградена површина па и понудата ќе  ја дополни рачно со оваа содржина.

Кога ќе се погледне договорот  бр.176/11 од 22.06.2011 година, заедно со понудата бр.2012/30, која е негов составен дел, а  во кои се внесени сите забелешки на обвинетиот Драган Павловиќ Латас, за кои разговараат со Злате Анастасов во наведените разговори,  повторно ќе кажам, нема никаква дилема за автентичноста на разговорите, како во поглед на времето, така и во поглед на нивната содржина.

Тука да дополнам дека во овој договор е предвидено плаќање на износ од 920.000,00 денари со започнување на градежните активности кој износ на 23.06.2011 година е исплатен од сметката на Драган Павловиќ Латас

Во разговорот означен како 38970401000_38978390306_20110630_244210 остварен на 30.06.2011 година, Драган Павловиќ Латас и Злате Анастасов се договараат поставувањето на темелите на куќите,  заедно со верскиот обред,  да биде после неколку дена од разговорот, односно на 14 јули кога е роденден на браќата Срѓан и Звездан. Во истиот разговор се договараат Злате Анастасов да продолжи со ископ и полнење на темелите на куќите на Драган и Срѓан. Со поставувањето на темелите на куќите поврзан е разговорот означен како 38970401000_38970285634_20110711_195125, остварен на 11.07.2011 година помеѓу Драган Павловиќ и Веле Груевски, во кој обвинетиот го прашува   соговорникот дали има поп во Зелениково, па откако добива потврден одговор, прашува „А како да го најдам јас него за у четврток таму ќе правиме тоа темел ќе тураме“.  Во разговорот означен како 38970401000_38975262330_20110713_231133 остварен на 13.07.2011 година Драган Павловиќ Латас и  Валентина, сопругата на Срѓан Павловиќ, разговараат за наредниот ден, во колку часот ќе дојде попот и кога тие да бидат таму. Само да напоменам дека Срѓан и Звездан Павловиќ се родени на 14.07.1967 година, а во 2011 година, според календарот, нивниот роденден бил во четврток.

Обвинетите  Драган и Срѓан Павловиќ во разговорот означен како 38970401000_38975217121_20110930_134646 остварен на 30.09.2011 година, разговараат за градежните работи кои се изведени на нивните куќи и  колку пари му должат на изведувачот, па така Драган Павловиќ кажува  дека спрема изведените работи  веќе се исцрпени средствата од дадените аванси и вредноста на имотот во Побожје, дека Срѓан до тогаш му должи на изведувачот 11.000 евра, а за неговата куќа  самиот констатира дека  веќе се изградени  околу 300 м2, дека должи повеќе од  20.000 евра на изведувачот, па планира да плати поголем дел од износот. И на 30.09.2011 година, односно истиот ден кога е остварен овој разговор, Драган Павловиќ плаќа кон Диз Оил Групација 1.267.650,00 денари. Овие разговори, доведени во корелација со другите докази, укажуваат дека во месец јули 2011 година почнало градењето на куќите на обвинетите Драган и Срѓан Павловиќ и истото се одвивало прилично  интензивно во следните месеци.

Градењето на куќата на обвинетиот Звездан Павловиќ е започнато во месец ноември 2011 година. Имено, во разговорот означен како 38970401000_38978390306_20110929_241512 остварен на 29.09.2011 година Драган Павловиќ Латас му кажува на соговорникот Злате Анастасов дека треба да се почне со градба и на куќата на третиот брат.

Во разговорот остварен на 22.10.2011 година, означен како 38970401000_38978300500_20111022_240819, обвинетите Драган и Звездан Павловиќ разговараат дека следните денови ќе почне градењето на куќата на Звездан. Од разговорот, означен како 38970401000_38978390306_20111111_243133, остварен на 11.11.2011 година  и разговорот означен како dpl_38970401000_38978390306_20111129_125507 остварен на 29.11.2011 година, двата помеѓу Драган Павловиќ и Злате Анастасов веќе е сосема јасно дека е започната градбата и на куќата на обвинетиот Звездан Павловиќ.

Еден од доказите на обвинението е и вештиот наод и мислење изготвен од вештото лице Ќире Јаќимоски. Согласно наредбата, со вештачењето требаше да бидат опфатени податоците и доказите наведени во извештајот НСК-РО бр.25/17 од 02.05.2017 година, со прилог ЦД изготвен од припадникот на правосудната полиција – истражител доделен на ова Јавно обвинителство, а со цел да се утврди дали во  период  од 17.01.2011 година  до 01.10.2016 година според  обезбедените податоци од снимките и мапите достапни на веб сајтот на GOOGLE.com за локацијата на која се наоѓа имотот на обвинетите, може да се забележи изведување на градежни работи, кога се забележува нивниот почеток, дали на наведената локација може  да се забележат објект или објекти во градба и на кој датум прв пат се забележуваат.

Во писмениот наод и мислење, вештото лице потврдува дека сателитските снимки содржани во наведениот извештај на припадникот на правосудната полиција се потполно исти со сателитските снимки од истата локација кои вештото лице ги пронашло низ историскиот преглед на апликацијата Google Еarth Pro. Вештото лице констатира дека за периодот од 17.01.2011 до 01.10.2016 година, за наведената локација  постојат сателитски снимки од следните датуми: 17.01.2011, 01.07.2012, 23.01.2013, 01.03.2013, 01.08.2013, 21.01.2014, 14.03.2014, 17.07.2014, 19.11.2015, 16.04.2016 и 01.10.2016 година.

Во однос на сателитската снимка од 17.01.2011 година, вештото лице констатира дека на истата не се забележува изведување на градежни работи на наведената локација и во блиската околина. Истата снимка, како слика број 2 од вештиот наод и мислење е предочена на сведокот Злате Анастасов и истиот потврди дека е тоа парцелата на обвинетите, пред да биде започната градбата.

Согласно достапните сателитски снимки од користената апликација, изведување на градежни работи на локацијата може за прв пат да се забележи на 01.07.2012 година, кога  три градежни објекти се во фаза на изведба. Истата сателитска снимка, како слика број 6 од наодот и мислењето, е предочена на сведокот Злате Анастасов, при што истиот потврди дека е тоа парцелата  на која ги градел куќите на обвинетите, а ги посочи локацијата и фазата на градба на секоја од трите  куќи. Станува збор за датум  01.07.2012 година, значи околу шест и пол месеци пред да бидат издадени одобренијата за градење за истите парцели. Според доказите на кои се осврнав тука,  обвинетите веќе имале започнато со градба на  трите куќи.

Според вештачењето, на сателитската снимка од 23.01.2013 година, на наведената локација воочливи се три поголеми градежни објекти, но сега во понапредна фаза на изградба за разлика од 01.07.2012 година, со тоа што на два од објектите може да се забележат и покривни конструкции.

Да напоменам дека снимката од 23.01.2013 година е само на еден ден пред да бидат издадени одобренијата за градење на обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ. Истата беше предочена на сведокот Злате Анастасов како слика број 7 од вештиот наод и мислење, при што истиот посочи дека на снимката се забележуваат куќите на тројцата обвинети и дека на сите се изведени и крововите.

Во однос на останатите датуми за кои се пронајдени историски записи на сателитски снимки за локацијата на која граделе обвинетите во Зелениково нема да се осврнам детално бидејќи сите тие снимки се после датумот на издавањето на  одобренијата за градење,  но значајно е дека на секој од овие датуми на снимките јасно се  забележува постоење на предходно утврдените  градежни објекти.

Во врска со приговорот од одбраната  на ова  вештачење, истиот е неоснован од неколку причини. Најпрво би сакала да истакнам дека ограничувањето на употреба на услугите на апликацијата Google Earth само за развој, истражување или образовни цели се однесува исклучиво на искористување на правата кои произлегуваат од интелектуалната сопственост. Во поглед на користењето на сателитските снимки, односно мапи како докази во постапката, сметам дека за истото не постои пречка поради фактот што Google Earth е јавен сервис, истиот е достапен до сите лица кои имаат пристап до интернет, а Политиките за дозвола за користење на продуктите на Google овозможуваат користење на прикази од екран т.н. скрин шотови без дозвола од Google доколку истите се непроменети. Истото ова имплицитно го наведе и вештото лице при вкрстеното испитување. Ова дотолку повеќе што член 250 став 1 од ЗКП дозволува фотографии, филмови или други аудио или визуелни снимки добиени со технички средства да служат како доказ во кривичната постапка. По однос на точноста и комплетноста на податоците од мапите, неспорно е дека и самиот сервис Google и неговите даватели на лиценци се оградуваат , односно не даваат какви било изјави или гаранции во однос на точноста или комплетноста на какви било содржини на своите производи, но би сакала да истакнам дека мапите, како и самото вештачење опфаќа еден подолг временски период од 17.01.2011 до 01.10.2016 година, во кој точното време во смисла на час, минута и секунда се ирелевантни во поглед на тоа што е предмет на докажување во оваа постапка. Самиот процес на градење на куќи не се одвива во еден ден, час или минута, тоа е подолготрајна активност. Впрочем, не постои било каква контрадикторност помеѓу вештачењето со останатите докази на обвинението, кои доведени во меѓусебна корелација  со сигурност го потврдуваат фактот дека обвинетите бесправно ги изградиле куќите на земјиштето прикажано на мапите, а со тоа го сториле кривичното дело кое им се става на товар. На крајот, во однос на приговорот, би сакала да додадам дека во никој случај не може да се смета дека сателитските снимки биле искористени во комерцијални цели, само поради фактот што ова Јавно обвинителство, како орган кој го наредил вештачењето му исплатил определен износ на вештото лице.  Имено, согласно член 102 од ЗКП, трошоците на кривичната постапка ги опфаќаат и трошоците за вештаци, а во  постапката поради кривичните дела за кои се гони по службена должност, истите се исплатуваат однапред од средствата на органот што ја води кривичната постапка, а се наплатуваат подоцна од лицата кои се должни да ги надоместат според одредбите на овој закон.

Во прилог на фактот дека обвинетите ги граделе куќите во време кога немале одобренија за градба, е  исказот на сведокот Дејан Димитровски, кој  бил на имотот на обвинетите во Зелениково, некаде во месец мај 2012 година, со работна задача да изготви геодетски елаборат за физичка делба на парцелите КП 61 и КП 62 за КО Градовци, при што забележал дека на таа локација е започната градба на објекти. Сведокот беше сосема сигурен дека забележал два објекти кои се граделе, но не можеше да се сети  дали на истата локација се градел и трет објект. Тоа секако не значи дека не се градела и третата куќа. Фактот дека била започната и нејзината градба   произлегува од другите изведени докази, посебно од  вештиот наод и мислење.

Имено, најблизок датум на периодот кога сведокот бил на локацијата, а за кој постојат сателитски снимки е  01.07.2012 година. Според вештиот наод и мислењето, на сателитската снимка од 01.07.2012 година, на локацијата се забележуваат три градежни објекти во фаза на изградба.

По поднесеното обвинение, одбраната достави листа на докази, која потоа постојано ја дополнуваше.

Еден од доказите  на одбраната  е исказот на техничкиот советник Орце Симов и неговиот  наод и мислење. Сметам дека  мислењето на техничкиот советник  нема ни најмало влијание врз доказната вредност на аудио фајловите, односно снимките од телефонските разговори кои се изведени како доказ во оваа постапка. Имено, при вкрстеното испитување, на мое прашање, техничкиот советник одговори дека предмет на неговата анализа не биле конкретните аудио фајлови, односно снимки  кои се изведени како доказ во оваа постапка, и не утврдил дали на истите се менувани времето или датумот. Ќе повторам уште еднаш, содржината на аудио фајловите, односно снимките од нелегално прислушкуваните телефонски разговори не се контрадикторни со ниту еден друг изведен доказ, што пак од своја страна ја потврдува нивната автентичност како во поглед на времето кога се одвивале телефонските разговори, така и во поглед на содржината на самите разговори.

Обвинетиот Драган Павловиќ Латас и неговите бранители  по изведувањето како доказ на снимките од телефонските разговори, доставија  писмени приговори до судот.

Приговорот на обвинетиот во точките од 1 до 8, како и приговорите на бранителите  се однесуваат на начинот на прибавување на снимките од телефонските разговори кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите и нивното користење како доказ во постапката. Овие приговори судот воопшто не треба да ги земе предвид, тоа е веќе елаборирано прашање со оглед на одлуката на  Апелациониот суд Скопје, според која снимките се доказ прибавен на законит начин и може да се користат во постапката.   

Ќе се задржам само на некои наводи од точката 9 од приговорот на обвинетиот Драган Павловиќ Латас, бидејќи тука обвинетиот ја анализира содржината на одредени разговори и дава свое толкување на истите.

Наводите и тврдењата на обвинетиот во однос на разговорот со реден број 57 од редоследот за изведување на снимките,  се произволни и неосновани, бидејќи доколку се преслуша содржината на овој разговор означен како 38970401000_38978390306_20110915_105757, се забележува дека соговорниците разговараат за ископ на земја од нива, а не ископи на локацијата каде  се градат куќите на обвинетите.  

Понатаму во приговорот обвинетиот Драган Павловиќ Латас се осврнува на разговорите со редни броеви 38, 39 и 40 од редоследот на изведување на разговорите, означени како:

38970401000_38978390306_20110712_112350, 38970401000_38978390306_20110712_134147и 38970401000_38978390306_20110712_194544,   кои  се  остварени  на 12.07.2011  година  помеѓу обвинетиот Драган Павловиќ Латас и Злате Анастасов. За да се добие целосна слика на случувањата, овие разговори мора да се анализираат во корелација со останатите разговори кои се остварени помеѓу Драган Павловиќ Латас и Злате Анастасов во периодот од 15.07.2011 до 19.07.2011 година. Во нив соговорниците се надоврзуваат на предходните разговори и разговараат за видот, квадратурата и  цената на изолацијата која треба да се постави на темелите и подрумските простории на куќата на обвинетиот Драган Павловиќ, чија градба започнува во тој период. Откако е договорен видот на изолацијата и цената, Драган Павловиќ Латас бара од Злате Анастасов за овие работи да му издаде фактура на име на Сител. Во разговорот означен како 38970401000_38978390306_20110715_094136 остварен на 15.07.2011 година  на прашање на Злате Анастасов за фактурата за изолацијата,  што да напише во описот на работа, обвинетиот Драган Павловиќ му кажува да стои „изведувани занатски работи во студио на Сител, во студио на градски стадион Скопје“, а во разговорот 38970401000_38978390306_20110715_150131, Злате му соопштува дека износот на фактурата е 485.600 денари. Во разговорот означен како 38970401000_38978390306_20110719_143500, кој е остварен на 19.07.2011 година, Драган Павловиќ му соопштува на Злате дека фактурата е платена на тој ден.

Од страна на ова обвинителство како  доказ е предложена фактура број 28-2/11 издадена од Диз Оил Групација Скопје до Телевизија Сител, со датум од 15.07.2011 година на износ од 485.600,00 денари, со опис на работи: „изведување на градежно занатски работи на студио во Телевизија Сител на Градски стадион“. Според доставентата сметководствена документација, истата е платена од страна на ТВ Сител на Диз Оил групација на 19.07.2011 година.

Да заклучам, постои потполно совпаѓање на она што е кажано во разговорите за фактурата со она што е нејзина содржина, односно датумот на издавање, описот на работите, нивната вредност и датумот на извршеното плаќање, па оттука воопшто нема основа да се спори автентичноста на разговорите.

Обвинетиот во приговорот го оспорува датумот на  разговорот со број 89 од извештајот,  бидејќи во него се разговара за поставување фасада и прозори на неговата куќа, а според неговото тврдење овие работи се извршувани  од крајот  на 2013 до  почетокот на 2015 година. Овој разговор е означен како dpl_38970401000_38975217121_20120802_210851 и е остварен на 02.08.2012 година, помеѓу обвинетите Драган и Срѓан Павловиќ, кои  разговараат за текот на градбата на нивните објекти во Зелениково и што треба да направат во следниот период. Така Срѓан Павловиќ планира пред почетокот на зимата доработка на кровот и поставување на прозори и надворешна врата на неговата куќа, и да ја постави електричната инсталација во трите куќи,  додека Драган Павловиќ Латас му кажува дека на неговиот објект е започнато со поставување на кровот, а веќе порачал и прозорци. Дека вакви работи и навистина се  изведувани во 2012 година, потврдуваат доказите кои обвинителството ги достави во реплика, обезбедени од правните лица Артинг Скопје и Нипром Струмица.

Обвинетиот го оспорува  времето кога е остварен  и телефонскиот разговор со број 88 од редоследот на изведување на снимките, но истото е неосновано бидејќи во наведениот телефонски разговор означен како dpl_38970401000_38978390306_20111125_154757, остварен на 25.11.2011 година, на почетокот на разговорот Драган Павловиќ Латас му кажува на соговорникот Злате Анастасов  дека се пуштени  200.000.  Од анализата на извршените плаќања произлегува дека истиот ден, односно на 25.11.2011 година од трансакциската сметка на Драган Павловиќ Латас се префрлени 200.150,00 денари на сметката на Диз Оил Групација. Тоа е уште една потврда дека содржината на разговорите  е вистинита и дека истите се реализирани во времето означено на нив.

Во однос на разговорот со број 107 од редоследот на изведување, означен како dpl_38970401000_38975217121_20120424_110635  и остварен на 24.04.2012 година помеѓу Драган и Срѓан Павловиќ ќе кажам дека навистина се говори за подигање на потврда од лице Дејан од општина Зелениково, меѓутоа за причините и намените зошто се подига таа потврда ќе се осврнам понатаму во делот на анализата на доказите на обвинителството доставени во реплика.

За  разговорот со број 108 од редоследот на изведување, остварен на 26.06.2012 година кој е означен со dpl_38970401000_38978390306_20120626_122341 соговорниците Драган Павловиќ и Злате Анастасов разговараат за градежни активности кои се во тек и тоа поставување на скелиња за работа на кровот на куќата на Драган Павловиќ, но воопшто не споменуваат изградба на пристапен пат до парцелите. И во овој разговор се споменува плаќање на 120.000 за кои обвинетиот Драган Павловиќ Латас вели дека уште истиот ден ќе бидат пуштени од неговата сметка. И навистина на 26.06.2012 година, според анализата на плаќањата, од сметката на Драган Павловиќ Латас се уплатени 120.200 денари на сметката на правното лице Диз Оил Групација.

Мислам дека нема потреба од понатамошно елаборирање и анализирање на наводите во приговорот на обвинетиот, бидејќи од сѐ што кажав досега произлегува дека истиот е целосно неоснован, дека обвинетиот си дал негово толкување на содржината на разговорите кое не кореспондира со изведените докази и истиот не треба да биде земен во предвид од страна на судот.

Одбраната достави повеќе докази меѓу кои и Иницијатива за донесување на урбанистичка документација поднесена во општина Зелениково на 17.01.2011 година од Драган и Срѓан Павловиќ и Барање до Градоначалникот на општина Зелениково за одобрување на ЛУПД за мв Гумење. Според наводите на одбраната, овие докази се однесуваат на околноста каква документација прибавиле сега обвинетите, со што ја манифестирале својата желба за изградба на објектите за домување  до општината која требало да ја издаде потребната документација.

Прашањето за кое расправаме во овој предмет е кога обвинетите започнале со реализација на нивната желба за изградба на куќите во Зелениково. Од доказите на обвинението произлегува  дека тоа се случило пред да бидат обезбедени законските претпоставки за почеток со градба, односно далеку пред да имаат добиено одобренија за градење на објектите.

Во продолжение ќе се осврнам на некои докази на  одбраната, доставени на околноста дека објектите се градени во 2013, 2014 и 2015 година, а  за кои обвинителството во реплика достави докази за нивно побивање.

За побивање  на  доказите на одбраната: aвансна фактура  од 29.10.2012 година и конечна фактура од 27.12.2013 година издадени од Артинг Скопје, доставивме девет снимки од телефонски разговори помеѓу Драган Павловиќ Латас и лицето Христијан, остварени во периодот од 20.04.2012 година до 03.12.2012 година, како и материјални докази. При изведувањето на овие разговори слушнавме дека договарањето на одредени работи за кровот на куќата  на обвинетиот Драган Павловиќ Латас во Зелениково,  започнува во месец април 2012 година, по што е издадена профактура од правното лице Артинг Скопје на износ од 20.000 евра. Конкретно станува збор за авансната  фактура со датум од 23.04.2012 година за набавка на репроматеријал за изработка на кровна конструкција на индивидуален станбен објект во вкупен износ од 1.250.000 денари. Градежните работи за изведба на кровот на овој објект се одвивале во јули 2012 година, а продолжиле и во ноември 2012 година, кога е издадена и авансна фактура со датум од 29.11.2012 година во вкупен износ од 300.000 денари.

Ако се споредат вредноста на првата времена ситуација со датум од 31.12.2012 година со завршната ситуација со датум од 03.06.2013 година ќе се види дека завршната ситуација е за околу 80.000,00 денари поголема од вредноста на првата времена ситуација. Од ова произлегува заклучокот дека најголемиот дел од градежните работи на кровот на куќата на обвинетиот Драган Павловиќ Латас во Зелениково се завршени до 31.12.2012 година, пред воопшто да биде издадено одобрението за градење, а само незначителен дел се реализирани од почетокот на 2013 година заклучно со месец мај истата година.

Понатаму, одбраната достави како доказ фактура-конечна бр.01/2013 од 04.06.2013 година издадена од Алпос Скопје до Тотал Маркетинг и предлог за компензација со датум од 01.07.2013 година доставен од Алпос Скопје до Тотал Маркетинг. За побивање на овие докази доставивме 11 снимки од телефонски разговори и материјални докази.

Од содржината на телефонските  разговори произлегува дека работите за изведба на фасадата на објектот на обвинетиот Драган Павловиќ Латас во Зелениково се започнати уште во есента 2012 година, кога истиот договара набавка на материјали за фасадата и изолација на истата  од правните лица Алпос и Гипсар, а дека фасадата се изведува во тој период се потврдува и од разговорот остварен на 28.11.2012 година со мајсторот кој работи на изведба на фасадата.

Во делот на материјалните докази, доставивме повеќе фактури издадени од правното лице Алпос Скопје до Тотал Маркетинг и Драган Павловиќ во периодот  од 31.10.2012 година до 03.06.2013 година. Од износите на наведените фактури произлегува дека заклучно со 19.11.2012 година, односно скоро два месеци пред издавање на одобрението за градење на обвинетиот Драган Павловиќ Латас, се испорачани материјали за изведба на фасада само од правното лице Алпос Скопје во вкупен износ од 962.913,00 денари, а во периодот од 05.03.2013 година до 03.06.2013 година уште во вредност од 563.999,00 денари или вкупно 1.526.913,00 денари.

Ваквата состојба, доведена во корелација со доказот доставен од обвинителството – пресметка на количини по испратници со датум од 04.06.2013 година на Алпос Скопје, како и во врска со содржината на телефонскиот разговор остварен помеѓу Драган Павловиќ Латас и лицето Благој на 23.04.2013 година, упатува на фактот дека конечната фактура бр.01/2013 од 04.06.2013 година претставува збир и по вредност и по количини на сите предходно издадени фактури за испорачани материјали за изработка на фасада во периодот од 30.10.2012 година до 03.06.2013 година од правното лице Алпос.

Понатаму, одбраната достави како докази: испратници со броеви 34/1 од 14.01.2013 година, број 979 од 20.10.2014 година и број 1064 од 20.10.2014 година, издадени  од Нипром Струмица  до Драган Павловиќ Латас.

За побивање на овие докази доставивме четири снимки од телефонски разговори  како и материјални докази. Од материјалните докази кои ги доставивме, може да се заклучи дека на  20.06.2012 година е склучен договор помеѓу Нипром ДОО Струмица како продавач и Драган Павловиќ Латас како купувач, чиј предмет, согласно членот 1 од истиот е продажба на столарија чамова 68м2 по цена од 6.160,00 денари и и столарија чамова фиксна  54 м2 по цена од 3.679,29 денари, со вклучен ДДВ, рачки и монтажа. Потоа е издадена  испратница – фактура бр.45 од 27.06.2012 година во вкупен износ од 617.400,00 денари од ДТУ Нипром до Драган Павловиќ Латас, со кој износ купувачот Драган Павловиќ Латас  е задолжен и во  финансиските картици за годините од 2012 до 2018, кои исто така се доставени како доказ од страна на ова обвинителство.

Доставените снимки се однесуваат на телефонски разговори остварени помеѓу Драган Павловиќ Латас и лицето Петре, од правното лице Нипром Струмица, еден  остварен на 26.09.2012 година, а другите на 04 и 05 декември 2012 година. Од нивната содржина произлегува дека во текот на месец септември 2012 година, обвинетиот Драган Павловиќ Латас бара забрзување на процесот на изработка на прозорите за неговиот објект, бидејќи веќе и фасадата на истиот му е договорена, а потоа во текот на месец декември 2012 година, во три разговори договара динамика на местење на прозорите на веќе изградениот објект.

Да напоменам дека испратницата бр.34/1 од 14.01.2013 година, доставена како доказ од страна на одбраната се однесува на завршна монтажа на столарија – балкони врати и прозори – 50 броја кои имаат иста квадратура како столаријата предмет на договорот од 20.06.2012 година. Одобрението за градба на истиот објект е издадено на 24.01.2013 година, односно 10 дена по извршената завршна монтажа на столаријата!

Одбраната достави повеќе докази од правното лице Екотерм Скопје. Тука ќе се задржам посебно на  фактурата број 11/2013 од 14.02.2013 година до Тотал Маркетинг. Доколку се погледне внимателно нејзината содржина, се забележува дека се однесува за изведени работи – испорака и монтажа на опрема и материјали потребни за изведба на инсталација за водовод и канализација за две викенд куќи во Зелениково. Имено  под реден број 1 се работи и опрема за викенд куќа означена како 1.3, според градежна книга 2013/11 со вредност на изведени работи од 222.132,05. Под реден број 2 се  работи и опрема за викенд куќа означена како 1.1, според градежна книга 2013/11 со вредност на изведени работи од 67.976,85 денари или вкупно за двете куќи 290.108,90 денари. Од овој износ е одбиен дотогаш платениот аванс од 100.000,00 денари и како износ кој останува за плаќање е 190.109,00 денари.

За побивање на овие докази на одбраната, во реплика ги доставивме понудата со датум од 29.11.2012 година на износ од 158.884,05 денари и понудата со датум од 30.11.2012 година на износ од 63.248,00 денари, двете од Екотерм Скопје до Драган Павловиќ Латас, како и градежна книга бр.2013/11 од Екотерм Скопје за инвеститор Драган Павловиќ Латас со датум од 14.02.2013 година на износ од 222.132,05 денари, кој износ е еднаков на збирот на износите на двете предходно наведени понуди.

Од содржината  на овие докази произлегува дека се однесуваат на работи за  објектот на Драган Павловиќ Латас во Зелениково, изведени до датумот  на градежната книга, а тоа е 14.02.2013 година. Во самата градежна книга се гледа дека се изведувани работи на објект со дефинирани простории – кујна, купатила на приземје и кат,  утилити и слично.

Исто така во реплика ги доставивме и понудата  од Екотерм Скопје до Звездан Павловиќ – Зеко со датум од 12.02.2013 година на износ од 67.976,85 денари, како и градежна книга бр.2013/11 од Екотерм Скопје за инвеститор Звездан Павловиќ – Зеко со датум од 14.02.2013 година на истиот износ. И од оваа градежна книга може да се заклучи дека се изведувани работи за водоводна и канализациона инсталација на изграден објект.

Значи, или станува збор за експресна брзина на градба, па во периодот од 24.01.2013 година кога се издадени одобренијата за градење до 14.02.2013 година, односно во период од само дваесетина дена, во зимски услови, куќите на Драган Павловиќ Латас и Звездан Павловиќ се изградени од темел до кров и веќе се поставила водоводната и канализационата инсталација или, објектите биле изградени многу порано пред добивање на одобренијата за градење.

Сите досега изведени докази,  упатуваат на вториот заклучок.

Одбраната во текот на постапката како доказ достави Известување од Диз Оил Групација до Општина Зелениково за изведени работи од 07.03.2017 под бр.273/03 за Павловиќ Звездан. За побивање на овој доказ доставивме Одговор на барање од Општина Зелениково со бр.08-132/2 од 20.02.2019 година, според кој, по извршениот увид во деловодната книга за 2017 година на општина Зелениково констатирано е дека во архивата не е заведен ваков допис. При директното испитувањето на сведокот Злате Анастасов, му беше предочен овој доказ, како и доказот на одбраната – известување до Срѓан Павловиќ под број 14/13 од 13.05.2015 година, при што истиот потврди дека се потпишани од негова страна, но не одговори на прашањето да се произнесе за нивната содржина, користејќи ги правата на кои беше поучен од страна на судот. Сметам дека ова  ја исклучува доказната вредност на овие докази на одбраната и судот воопшто не треба да им поклони верба.

Понатаму, одбраната достави како доказ и три  барања за одобрение за градба поднесени до Општина Зелениково на 05.03.2012 година од тројцата обвинети. За побивање на овие докази, доставивме девет снимки од телефонски разговори како и допис  од Општина Зелениково со бр.08-133/2 од 20.02.2019 година.          

Доколку се погледнат барањата од 05.03.2012 година, ќе се забележи дека во истите не се назначени документите кои барателите, сега обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ ги доставиле во прилог на истите.

Да потсетам, не станува збор за било какви барања, туку за барања да се издадат одобренија за градење на објекти за домување. Во поглед на прилозите кои се доставуваат кон барање за одобрение за градење Законот за градење е јасен Имено, во член 59 став 2 е наведена документацијата која се доставува заедно со барањето за издавање на одобрение за градење и тоа: извод од детален урбанистички план или урбанистички план за вон населено место или урбанистички план за село или државна односно локална урбанистичка планска документација; архитектонско – урбанистички  проект заверен од надлежен орган доколку со урбанистичкиот план или државната односно локалната урбанистичка планска документација е предвидена изработка на овој проект; основен проект; доказ за право на градење и  геодетски елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште.

Обвинетиот Драган Павловиќ Латас при вкрстеното испитување, на мое прашање дали во  прилог на барањето за одобрение за градење поднесено во месец март 2012 година доставил и дополнителна документација, одговори дека ја  доставиле документацијата со која располагале, без да наведе која е таа документација.

И обвинетиот Срѓан Павловиќ при вкрстеното испитување, на мое прашање дали во  прилог на барањето за одобрение за градење поднесено во месец март 2012 година доставиле и пропратна документација, одговори дека имало документацијата, се што било обезбедено, но не можеше да каже која е таа документација.

Тука ќе се  навратам на дел од доказите од листата на докази на ова обвинителство. Најпрво, тоа е дел од доказот под број 59 – основен проект за викенд куќа во Општина Зелениково со тех.бр. 1201/12 од мај 2012 година, изработен од ДПТ Елтра ДООЕЛ експорт-импорт Скопје и извештај за извршена стручна ревизија на основен проект со бр.394/12 од декември 2012 година од ДПУП “БИЛД“ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, кои се  однесуваат на објектот на Драган Павловиќ Латас во Зелениково. Станува збор за дел од документацијата која, согласно член 59 став 2 од Законот за градење, треба да се достави со барањето за одобрение за градење, секако доколку се сака и да се добие истото. Гледајќи ги датумите и на основниот проект-мај 2012 година и на извештајот за извршена стручна ревизија на истиот-декември 2012 година, сосема е јасно дека обвинетиот Драган Павловиќ овие документи не ги доставил во прилог на барањето за одобрение за градење од 05.03.2012 година, бидејќи истите во тој момент и не постоеле, односно се изработени подоцна.

Дел од доказот број 57 од листата на докази на ова обвинителство и тоа Геодетски елаборат за нумерички податоци бр.005-447-2/12 од 02.11.2012 година, изработен од ДПКП “Ленд Кад Инжињеринг“ ДОО Скопје и Архитектонско-урбанистички проект со тех.бр. 324/12 од октомври 2012 година, изработен од ДПУП “БИЛД” ДООЕЛ експорт-импорт Скопје се  исто така документи кои обвинетите требало да ги достават во прилог на барањата за одобренија за градење. Овие документи се доставени во прилог на барањата поднесени на  12.12.2012 година и се цитирани во издадените одобренија за градење од 24.01.2013 година,  но во никој случај не можеле да бидат доставени и во прилог на барањата поднесени на 05.03.2012 година, бидејќи се изготвени значително подоцна, односно во октомври и ноември 2012 година.

Ова обвинителство во реплика го достави и дописот  од Општина Зелениково со бр.08-133/2 од 20.02.2019 година, според кој  врз основа на  извршениот увид во деловодната книга на општината и документацијата, по поднесените барања за издавање на одобренија за градење поднесени на 05.03.2012 година не се отворени предмети и нема друга дополнителна документација освен барањата.

Од ова што го изложив, произлегува фактот дека барањата за одобренија за градење поднесени од тројцата обвинети на 05.03.2012 година не биле комплетни односно во прилог на истите не била доставена целокупната документација согласно Законот за градење.

Се поставува  прашањето зошто обвинетите до општина Зелениково ги поднеле барањата за одобренија за градење на 05.03.2012 година, без соодветните документи како прилози кон истите и зошто одговорните лица во општината не постапиле согласно член 59 став 10 од Законот за градење, каде е регулирано постапувањето на надлежниот огран по барање со некомплетна документација.

Меѓутоа, од телефонските разговори помеѓу Драган Павловиќ Латас и Дејан-вработен во општина Зелениково остварени на 24.02.2012 година и на 24.04.2012 година, означени како dpl_38970401000_38978233252_20120224_123643 и dpl_38970401000_38978233252_20120424_110322, се добива одговорот на ова прашање,  а тоа е  дека Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ ги поднеле овие барања, без пропратна документација, со единствена цел да  добијат потврда  од општината дека се во постапка за добивање на одобрение за градење да се добијат  приклучок на електрична енергија од ЕВН.

И секако, обвинетите добиле од општината уверенија  дека имаат поднесено барања за одобренија за градење, кои уверенија  одбраната ги достави како доказ. Станува збор за три уверенија издадени од општина Зелениково на 03.05.2012 година, по едно за секој од обвинетите, но со скоро идентична содржина, односно дека имаат поднесено барања за одобренија за градење кои се предмет на разгледување, а уверенијата се издаваат со цел да им послужат како доказ пред ЕВН Македонија за приклучок за електрична енергија.

Впрочем, обвинетите и не можеле да добијат  одобренија за градење врз основа на барањата од 05.03.2012 година бидејќи ги немале потребните документи, за што се свесни и самите тие. Тоа  го слушнавме од телефонските разговори на  Драган Павловиќ со Звездан Павловиќ остварени на 10.08.2012, 15.09.2012 и 16.09.2012 година означени како:

dpl_38970401000_38978300500_20120810_104250, dpl_38970401000_38975444415_20120915_110738, dpl_38970401000_38975444415_20120915_112954 и dpl_38970401000_38975444415_20120916_125640.

На истата  тема обвинетиот Драган Павловиќ Латас разговара со лицето Дејан, вработен во општина Зелениково во телефонскиот разговор остварен на 15.09.2012 година и означен како dpl_38970401000_38978233252_20120915_105750, како и со обвинетиот Срѓан Павловиќ во телефонските разговори остварени помеѓу нив на 15.09.2012 година и 20.09.2012 година и означени како:

dpl_38970401000_38975217121_20120915_162436 и dpl_38970401000_38975217121_20120920_180954.

Во разговорот означен како dpl_38970401000_38978300500_20120810_104250 остварен на 10.08.2012 година, покрај за потребната документација која треба да ја обезбедат и да ја достават до општина Зелениково, обвинетите Драган и Звездан Павловиќ зборуваат и околу тоа дека немаат одобрение за градење на објектите. Имено, обвинетиот Драган Павловиќ вели „Зеко ние ако до октомври не го завршиме ова после тоа имаме проблем бидејќи немаме дозвола за градба“ за потоа да додаде „…ние прво немаме средено. Ако ние до октомври не го средиме почињаат изборни кампањи и никој не не е… Никој заради нас нема да се пенали таму да го пљукаат и ние немаме дозвола за градба, може сабајле да дојде да те руши. Ти си свесен колку е озбилна ситуацијата“.

Во разговорот означен како dpl_38970401000_38975217121_20120802_210851  остварен на 02.08.2012 година, обвинетиот Драган Павловиќ Латас му кажува на обвинетиот Срѓан Павловиќ „….мене ми е битно да го дадеме барањето за градба пред избори може тоа да го е….. градоначалникот заради тоа, затоа мора порано да завршиме со папирите…“

Но, во истиот разговор зборуваат и за текот на градбата на нивните објекти. Така, Срѓан Павловиќ планира пред почетокот на зимата доработка на кровот и поставување на прозори и надворешна врата на неговата куќа и да ја постави електричната инсталација во трите куќи,  додека  Драган Павловиќ Латас му кажува дека на неговиот објект е започнато со поставување на кровот, а веќе порачал и прозорци.

Да заклучам, обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ ги извршиле кривичните дела за кои се обвинуваат со умисла,  бидејќи биле свесни дека ги градат куќите во Зелениково без одобренија за градење, биле свесни за забранетоста на таквите дејствија и дури биле свесни дека куќите можат да им бидат срушени затоа што ги граделе бесправно, но сепак продолжиле со градење на истите.

Свесно, во барањата за одобренија за градење кои ги поднеле до општина Зелениково на 12.12.2012 година го прикриле фактот дека куќите, за кои барале одобренија за градење, се веќе изградени. Формално правно добиле одобренија за градење на нови објекти, според кои требало да започнат со градба на објектите во рок од две години по правосилноста на издадените одобренија за градење. Според изведените докази, во времето на издавањето на овие одобренија, 24.01.2013 година, куќите биле веќе изградени.

Тоа што одбраната го потенцираше, дека постојат голем број бесправно изградени објекти во нашата држава, во врска со кои не се поведени кривични постапки, во никој случај не може да биде основ за неказнување на тука обвинетите, ниту пак за оправдување на нивното постапување.

Врз основа  на се што кажав досега, сметам дека Обвинителството, со доказите изведени во текот на главната расправа, докажа надвор од секакво разумно сомневање дека обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ сториле по едно кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од КЗ и барам од Вас, почитувани судија и членови на Советот, да донесете пресуда со која ќе ги огласите обвинетите за виновни и ќе ги осудите на казни согласно законот, а при тоа да ги имате предвид сите околности кои влијаат врз висината  на казната, а барам  и примена на одредбата од чл.244-а ст.6 од Кривичниот законик за одземање на бесправно изградените недвижности.