Изјава

Почитувани,

Од моментот на мојот избор за Специјален јавен обвинител, мојата професионална биографија, приватниот живот, семејството се цел на различни озборувања, напади и обиди за мое инволвирање во дневно политичките препукувања на партиите.

Притоа не сакам да оставам погрешен впечаток. Не се жалам. Напротив се нафатив на функцијата во исклучително тешки околности, целосно свесна дека секојдневно ќе бидам цел на напади за моја лична дискредитација. Но, повикот да се служи на државата и да се биде на чело на исклучително професионален обвинителски тим кој се занимава со гонење на висока корупција каде се инволвирани највисоки државни функционери е сериозна чест и многу голема одговорност.

Го разбирам, почитувам и оправдувам интересот на јавноста за истражните дејствија во случајот „Рекет“. Носител сум на јавна и одговорна функција за која мора да има целосна транспарентност.  Затоа, дозволете да се извинам што свесно оставив подолг период да не излезам со свој став во јавноста. Иако, воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч, решив дека нема со ниту еден мој потег да создадам впечаток дека правам притисок или се мепам во истражни дејствија.

Во врска со наводите, индициите или неофицијалните информации кои упатуваат на наводна моја вмешаност во случајот „Рекет“, ја користам оваа прилика да го изјавам следното:

Најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно, ниту со сторување или несторување не сум ја злоупотребила должноста која во моментов сеуште ја извршувам.

Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за конкретниот случај.

Да, точно е дека јас, како и многу други лица кои во моментов се на различни државни функции, се познавам со лицето Б. Ј. Никогаш не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека заради описот на неговото работно место на дневна основа комуницира со Б. Ј.

Но тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност или овластување за да евентуално остварува одредени привилегии или да презема незаконски дејствија.

За жал, подолг временски период до мене допираат гласови дека не само лицето Б. Ј., туку и многу други, без да знам, го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели.

Затоа, очекувам низ една транспарентна правосудна постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да наштети на мојата чест и углед.

Ја депонирав мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник. Со овој чекор сакам да бидам пример за сите останати. Не само што не дозволувам да бидам користена за нечие алиби за европските интеграции, туку покажувам висока професионална свест и со депонирањето на мојата оставка потврдувам дека нема на никаков начин да влијаам на конечниот исход од случајот „Рекет“.

Граѓаните и јавноста нека направат разлика. Што значи да бидеш свесен за одговорноста која ја носиш и како се постапува кога знаеш дека си чист и што значи кога некој се обидува да ја злоупотребува својата политичка моќ и бега од правдата.

СЈО е поголемо и позначајно од мојата сегашна функција. Ова Обвинителство беше, е и верувам дека ќе остане симбол за беспоштедна битка со највисоките форми на висока корупција и организиран криминал. Оставам во наследство десетици затворени истраги, подготвени за брзо процесирање. Убедена сум дека токму тие предмети ќе и дадат одговор на јавноста зошто некој со сите сили се обидуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози кредибилитетот на СЈО.

Уште еднаш сакам да се заблагодарам на сите граѓани и на медиуми кои со довербата во нас и подршката што ни ја давате ни помогнавте да работиме одговорно и во интерес на иднината на нашата земја.