Истраги

1. ТАБЛА (НСК-КО 5/17)

Истрагата за предметот со кодно име „Табла“ беше отворена на ден 23.03.2017 година против едно лице за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија, поради основано сомневање дека осомничениот на 28.06.2006 година во Кичево, како службено лице – директор на училиште, ја искористил својата службена положба и овластување и oвозможил  имотна корист за едно правно лице.

Имено, постои основано сомнение дека без да се спроведе постапка за јавна набавка и спротивно на задолженијата дадени со решение од Министерство за образование и наука на РМ, осомничениот со намера правното лице Б. ДООЕЛ К. да се стекне со имотна корист, склучил Договор за градење на нов училишен објект во с.Горно Строгомиште, општина Кичево, за износ од 12.346.394 денари или 200.000 евра. Истрагата за овој предмет е во тек.

2. ТАЛИР (НСК-КО 11/17)

Истрагата за предметот со кодно име „Талир“ беше отворена на ден 22.05.2017 година против вкупно 11 лица, и тоа поради постоење на основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „Перење на пари и други приноси“, од казниво дело по член 273 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија, при што 9 лица се осомничени како директни извршители, додека две лица се осомничени како помагачи за истото кривично дело, односно поради постоење на основано сомнение дека 5 лица од вкупно 11те осомничени сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, по член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија од кои двајца во својство на директни извршители, додека тројца во својство на помагачи.

Имнено, во овој предмет станува збор за незаконско финансирање на политичка партија преку злоупотреба на службената положба на осомничените лица. Постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на политичката партија му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби, при што мотивите на делување на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и обезбедување на целосна контрола над политичката партија. Истрагата за овој предмет е во тек.